Мишел Обама побара од Американците нова шанса за претседателот

 

Демократската партија на САД ја отвори својата конвенција во градот Шарлот со повик од првата дама Мишел Обама до граѓаните да му ја дадат својата доверба на претседателот Барак Обама за нови четири години во Белата куќа.

 

– Во изминатите четири години можев да видам што значи да се биде претседател, и знам дека на масата на претседателот доаѓаат најтешките прашања. Тоа се одлуки каде влоговите се високи и нема простор за грешка. Како претседател, добивате совети од многу луѓе, но на крајот на денот, кога треба да се донесе одлуката, мораш да се водиш од своите вредности и својата визија за животот и искуствата кои те изградиле, изјави Мишел Обама, пред околу 20.000 делегати и приврзаници на Демократската партија им порача дека Барак Обама во изминатите четири години со неговите чекори успеал да ја врати економијата од работ на пропаста.

 

Демократската партија возврати на потегот на Републиканската партија, која првата вечер од конвенцијата и ја отстапи на Ен Ромни, сопругата на нивниот претседателски кандидат Мит Ромни.

 

Мишел Обама и се спротистави на Ен Ромни во отворена борба за гласовите на жените, кои според анкетите за неколку проценти се приклонуваат повеќе кон Обама. Една од темите на Мишел Обама, како и на голем број други говорници на првата вечер на демократската конвенција, се женските права, особено пристапот до абортусот и напредувањето на работното место.

 

Мишел Обама, во своето обраќање, ја бранеше здравствената реформа Обамакер, која го прави здравственото осигурување задолжително за сите Американци и дополнително го регулира пазарот на осигурителните компании.

 

Ромни најави дека, ако биде избран за претседател, од првиот ден ќе почне со укинување на оваа реформа.

 

– Барак Обама верува дека во Америка нашите пензионери треба да можат да си ги купат своите лекови. Дека нашите деца треба да можат да одат на лекар кога се болни. И дека никој не треба да банкротира затоа што претрпел несреќа или се разболел. И дека ние жените сме поспособни да донесеме одлука за своите тела и за својата здравствена заштита, изјави Мишел Обама чиј настап беше бурно поздравен.

 

Ваквите напади врз Ромни ги повторија низа од говорниците, меѓу кои поранешниот гувернер на Охајо Тед Стрикланд го обвини републиканскиот кандидат дека летата ги минува на Кајманските острови, а зимите во Швајцарија, алудирајќи на неговите банкарски сметки.

 

По конвенцијата, во телевизиски настап, Стрикланд го прошири нападот, обвинувајќи ги републиканците дека нивните напади врз претседателот Обама се мотивирани од расизам. Претставници на Републиканската партија, кои во Шарлот организираат свои политички настани, обвинија дека демократите во своите настапи бегаат од економските теми, особено од долгот за кој се очекува овие денови да надмине рекордни 16 трилиони долари.

 

Републиканците воедно ги обвинија демократите дека во нивната партиска платформа, во која предвидуваат еднаквост за истополовите бракови и заштита на абортусот за разлика од минатите години не го спомнуваат Господ, како и тоа дека го избришале ставот дека Ерусалим треба да биде главен град на државата Израел.

 

На денешниот втор ден на конвенцијата се очекува главниот настап да биде на поранешниот претседател Бил Клинтон, и покрај неговото ривалство со претседателот Обама. Државниот секретар Хилари Клинтон откажа присуство на конвенцијата, и замина на долга турнеја низ Пацификот.

 

Пронајдете не на следниве мрежи: