Принцот Хари се враќа во Авганистан да ја продолжи обуката на воен пилот

Британскиот принц Хари пристигна во Авганистан, каде што ќе мине четиримесечна обука на пилот на хеликоптер на Кралските воздухопловни сили, објави во петокот британското министерство за одбрана.

Принцот пристигна во Авганистан во четвртокот ноќта, и засега е распореден во главната британски воена база „Камп Бастион“ во немирната провинција Хелманд. Третиот во редот наследници на британскиот трон, 27-годишниот принц Хари ќе учествува во активни борбени акции против талибаните, се нагласува во соопштението.

„Станува збор за сложена работа којашто бара посветеност, па оттаму јас барам од сите да го остават на мира и да му овозможат да работи на поддршката на коалициските сили“, изјави капетанот Џок Гордон, командант на Здружената воздушна група (Joint Aviation Group).

Во 2008 година принцот Хари мина десет седмици на служба исто така во авганистанската провинција Хелманд. Тогаш тој беше принуден да се врати во Велика Британија пред време, бидејќи информациите за тоа каде се наоѓа протекоа во медиумите. Овојпат неговата прекоманда во Авганистан беше позната однапред, а сега министерството за одбрана го потврди неговото доаѓање во базата.

Британското министерство ги оценува ризиците по безбедноста на своите пилоти на хеликоптерите од типот „Apachе“ во Авганистан како „ниска“, па затоа мерките за претпазливост овојпат се пониски отколку во 2008 година, кога принцот Хари беше прекомандуван како пилот на авион ловец.

Хари пристигна на „Камп Бастион“ како дел од борбената група од стотина луѓе. Според британскиот радиодифузер BBC, принцот ќе престојува во транспортен контејнер заедно со другите војници.

Во базата има ресторан и бар, каде се претпоставува принцот Хари ќе го прослави својот роденден следната седмица, на 15-ти септември.

Принцот Хари замина во Авганистан кусо време по скандалот со објавувањето на негови фотографии од разголената забава во Лас Вегас. Се чини дека нема да има развој на овој скандал, откако принцот замина на активна воена служба.

Преземено од Макфакс.

 

Пронајдете не на следниве мрежи: