Македонија гостува на „Хемпден Парк“

 

Фудбалската репрезентација на Македонија, вечерва, во Глазгов ќе го одигра натпреварот од второто коло во А групата. Домаќини на македонските фудбалери на „Хемпден Парк“ ќе бидат фудбалерите на Шкотска.

„Црвено-жолтите“ во натпреварот влегуваа по петочниот незаслужен пораз од Хрватска во Загреб, додека Шкотите, иако ги планираа трите бода против Србија, освоија само еден. 

Оптимизам владее во таборот на двете селекции пред самиот натпревар, но притисокот е поголем кај шкотската селекција и нивниот селектор Крег Левин. 

Шкотска игра на домашен терен и јавноста очекува победа, додека навивачите вршат притисок врз селекторот да го промени системот на игра, односно формацијата 4-1-4-1, да ја замени со стандардната 4-4-2, во која шанса во врвот на нападот би добил 22-годишниот играч на Блекбурн, Џордан Родс. 

Левин е тврдоглав и најавува дека капацитетите на неговите играчи одговараат за ваков систем на игра, без оглед на тоа што Шкотска е домаќин. 

„Доколку ја погледнете линија на играчи кои делуваат зад Кени Милер, тогаш ќе видите дека секогаш напаѓаме со јасна цел. Стивен Нејсмит е стрелец, Чарли Адам е креативен играч, Џејмс Морисон е голгетер и креативец, слично е и со Роберт Снодграс“, рече Левин. 

Дополнителни проблеми тој има на голманската позиција, поради повредите на Мекгрегор и Гиликс тој во селекцијата го повика голманот на Сент Мирен, Крег Самсон.

Отпимизмот е присутен и кај избраниците на Чедомир Јаневски, и покрај поразот од Хрватска, охрабрувачки за нив делува прикажаното на теренот во Загреб. Македонија 90 минути беше рамноправна, на моменти и подобра од Хрватска. 

Исклучително сигурно на тој меч делуваше редот за врска во кој доминираше Горан Пандев, кој одигра еден од најдобрите мечеви во националниот тим, за што комплименти за неговата игра не штедеа ниту хрватските медиуми. 

Јасно е дека Јаневски на Шкотска ќе и’ се спротистави во фромација 4-2-3-1, но енигма е дали во Глазгов ќе стартува со истиот тим кој започна против Хрватска. Можно е на „Хемпден Парк“ шанса да добие Шумуликовски, а во шпицот на нападот место Ристиќ да се пресели Тричковски. 

Македонија и Шкотска имаат одиграно две средби, во квалификациите за СП во Јужна Африка, „црвено-жолтите“ во Скопје победија со голот на Наумовски, во септември 2008, а една година подоцна Шкотска се реваншира со победа од 2:0, стрелци беа Мекфаден и Браун. 

Дуелот Шкотска-Македонија ќе започне во 21 часот, нешто порано, во А групата своите мечеви ќе ги започнат Белгија и Хрватска, односно Србија и Велс.

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: