Македонија една од ретките успеа да задржи ниски даноци

Loading...

Република Македонија има најниски даноци во споредба со државите членки на Европшската унија и со соседните држави, а претставува една од ретките држави која не ги зголемува даноците во време на економската криза во еврозоната.

Даночните стапки, кои Македонија ги намали уште на почетокот на 2008 година остануваат непроменети во периодот во кој поголемиот дел до европските држави ги зголемуваат даночните стапки.

Стапката на данокот на доход и на данокот на добивка во Македонија изнесуваат 10 отсто и се воведени на 1-ви јануари 2008 година, општата стапка на Данокот на додадена вредност (ДДВ) изнесува 18 отсто, додека повластената стапка е пет отсто.

Слични даночни стапки имаат и соседните држави, Албанија, Србија, и Бугарија, со тоа што стапката на ДДВ во Албанија и Бугарија од 2009 година изнесува 20 отсто, Србија, како што се очекува, во октомври, исто така, да ја зголеми на 20 отсто, а данокот на доход од 10 да го крене на 15 отсто.

Ниска стапка на ДДВ од осум отсто има Швајцарија, која во 2011 година ја крена ова стапка за 1,4 отсто. Сепак, во оваа држава значително се поголеми даноците на добивка, кој изнесува 25 отсто и на доход, кој се пресметува по 45,5 отсто.

Пониска стапка на ДДВ од Македонија имаат уште единствено Кипар (17 отсто) и Норвешка (15 отсто), кои во јули 2009 година ја кренаа стапката за два, односно за еден отсто.

Данокот на добивка во Кипар е ист како и во Македонија – 10 отсто, но стапката на данокот на добивка изнесува 30 отсто. Во

Норвешка данокот на добивка се пресметува по стапка од 28 отсто, а данокот на доход по 54,3 отсто.

Под притисок на должничката криза во еврозоната, сé поголем е бројот на влади на европските држави кои се одлучуваат да ги зголемат даночните стапки.

Белгија изготвува план за покачување на ДДВ во делот на легалните и дигиталните телевизиски сервиси. Данокот на добивка во оваа држава се пресметува по стапка од 33,99 отсто, а на доход по стапка од 50 отсто.

Чешката Република го зголеми ДДВ-то за еден отсто на 21 отсто, а повластеното ДДВ од 10 на 14 отсто. Стапката на данокот на добивка изнесува 21 отсто, а на доход 15 отсто.

Финска од почетокот на наредната година го зголемува ДДВ-то за еден отсто на 24 отсто, данокот на добивка го пресметува по 26 отсто, а на доход 53 отсто.

Франција, каде што данокот на добивка изнесува 33,33 отсто, а на доход 41 отсто, подготвува план за покачување на ДДВ-то, кој мора да се реализира до крајот на годината.

Унгарија од почетокот на годината ја зголеми стапката на ДДВ-то за два отсто, на 27 отсто. Данокот на добивка изнесува десет отсто, додека оваа држава пресметува скалест данок на доход кој се движи од 16 до 27 отсто, во зависност од големината на приходите

Република Ирска, исто така, од почетокот на годината за два отсто го крена ДДВ-то, на 23 отсто, данокот на добивка се пресметува по стапка од 12,50 отсто, а на доход по стапка од 55 отсто.

Италија, која е силно погодена со должничката криза, во септември минатата година го крена ДДВ-то за еден отсто на 21 отсто, а веќе изготви план за ново зголемување на 23 отсто, кое треба да стапи на сила во јануари 2013 година. Данокот на добивка изнесува 31,4 отсто, а на доход 45 отсто.

Холандија донесе одлука за зголемување на ДДВ-то за два отсто на 21 отсто, кое треба да стапи на сила до крајот на годината. Во оваа држава стапката на данокот на добивка изнесува 25 отсто, на доход 52 отсто.

Полска на почетокот на годината го зголеми ДДВ-то за еден отсто, на 23 отсто, а подготви и план за дополнително покачување на 24 отсто, кое треба да стапи на сила во декември. Данокот на добивка во оваа држава изнесува 19 отсто, а на доход 32 отсто.

Португалија на почетокот на годината го зголеми ДДВ-то за два отсто на 23 отсто, а во автономниот регион Мадеира, ДДВ-то во април беше зголемено за осум отсто на 24 отсто. Португалија пресметува прогресивна стапка на данокот на добивка од 12,50 до 27,50 отсто, а данокот на доход изнесува 46,5 отсто.

Шпанија неодамна изгласа покачување на ДДВ-то за три отсто, на 21 отсто, кое треба да стапи на сила во септември, а данокот на добивка изнесува 30 отсто, со тоа што 28 отсто е во Баскија и Навара, а четири отсто за компаниите регистрирани на Канарските острови. Данокот на доход во Шпанија изнесува 52 отсто.

ДДВ-то во Латвија во јули 2009 година е зголемено за еден отсто на 22 отсто, а повластената стапка е зголемена од 10 на 12 отсто. Стапката на данокот на добивка е 15 отсто, а на доход 23.

Словачка во јули минатата година ја крена за еден отсто стапката на ДДВ-то на 20 отсто, а стапките на данокот на добивка и на доход изнесуваат по 19 отсто.

Велика Британија на почетокот на минатата година ја крена стапката на ДДВ-то за 2,5 отсто, на 20 отсто.

Стапката на ДДВ во Данска е непроменета од август 2009 година и изнесува 25 отсто, данокот на добивка се пресметува по стапка од 25 отсто, а на доход по стапка од 55,4 отсто.

Хрватска во март годинава за два отсто го крена ДДВ-то на 25 отсто, стапката на данокот на добивка изнесува 20 отсто, а на доход 40 отсто.

Стапката на ДДВ во Грција од декември минатата година изнесува 23 отсто, на данокот на добивка 25 отсто, а на доход 45 отсто.

ДДВ-то во Словенија изнесува 20 отсто, исто толку е и данокот на добивка, а на доход изнесува 41 отсто.

Романија во јули 210 година го зголеми ДДВ-то за пет отсто на 25 отсто, а по 16 отсто е пресметуваат даноците на добивка и на доход.

 

Преземено од МакФакс

loading...
Loading...