Врбица Стефанов ја напушта Македонија

 

Врбица Стефанов ја напушта функцијата спортски директор на кошаркарската репрезентација на Македонија, пишува дневниот весник Македонски спорт.

Стефанов решил да се пресели во Италија, земја во која ги доживеа најубавите моменти во животот и спортската кариера. Според весникот, Стефанов и натаму ќе остане во кошарката, поточно тој ќе работи со млади таленти во Римини. 

„Мислам дека така е најдобро и за мене и за сите кои добро ме познаваат. Мислам дека подобро ќе функционирам во животот кога сум подалеку од родната земја, и ќе бидам поголема помош за оние на кои им е потребна, зборувам за пријателите“, вели Стефанов за „Македонски спорт“. 

Врбица Стефанов е најзаслужниот што најдобриот плејмејкер во Евролигата Лестер Бо Мекејлеб заигра за македонската селекција. Добро е познат придонесот на Американецот на Европското првенство во Литванија, кога Македонија го освои четвртото место. 

Стефанов поради одличните врски со својот поранеше клуб од Сиена во репрезентацијата го донесе кондициониот тренер Сандро Бенкардино. 

Стефанов и покрај свјот целосен ангажман и посветеност на репрезентацијата не доби соодветен третман ниту во кошаркарските кругови, ниту во приватниот живот, ова се веројатно и причините поради кои Врба се одлучил на ваков потег. 

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: