Продолжува растот на невработеноста во Грција

Бројот на невработените во Грција во вториот квартал од годината достигна 1,169 милиони, што е за 4,3 отсто повеќе во однос на претходниот квартал и за дури 44,2 отсто повеќе во споредба со истиот период лани.

Стапката на невработеност е зголемена на 23,6 отсто, од 22,6 отсто регистрирана во првиот квартал од годината и од 16,3 отсто забележана во периодот април-јуни 2011 година.

Судејќи според најновите бројки невработеноста далеку повеќе ги погодува жените од мажите во Грција, бидејќи стапката на невработеност кај Гркинките е 27,3 отсто, а кај Грците изнесува 20,8 отсто.

Проблемот со невработеноста сепак најмногу ги погодува младите. Стапката на невработеност кај младите во вториот квартал била 53,9 отсто, а кај младите девојки изнесувала 62,1 отсто.

макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: