Во Либија уапсени 50 лица во врска со нападот на американскиот конзулат

Либиските власти уапсија најмалку 50 лица под сомнение за вмешаност во нападот на американскиот конзулат во Бенгази, јавува AFP повикувајќи се на челникот на Генералниот национален конгрес на Либија, Мохамед ал-Макриф.

Во вторникот неидентификувани лица извршија гранатирање на американскиот конзулат. Во нападот загинаа американскиот амбасадор во Либија, 52-годишниот Кристофер Стивенс, член на Одделот за информации на амбасадата, како и двајца поранешни припадници на американските специјални морнарички сили.

„Бројот на уапсените достигна 50″, го цитира агенцијата ал-Макриф.

Во четвртокот либиските власти започнаа апсења на првите осомничени за нападот.

Нападот на конзулатот дојде по појавувањето на интернет на контроверзниот аматерски филм за пророкот Мухамед, кој е снимен во САД кој ги разбесни муслиманите поради кои го сметаат за навредлив за исламот. Според некои медиуми, немирите во Либија би можел да се поттикнати и поради неодамнешната елиминација на оперативниот командант Абу Јахја ал-Либи, кој се сметаше за втор во хиерархијата на глобалната терористичка организација Ал Каеда, по водачот Ајман ал-Завахири.

Масовните протести против контроверзниот филм избувнаа во неколку муслимански земји. Најжестоки беа протестите во Египет и Јемен, а според жестокоста се издвојуваа и насилните протести во Судан, Тунис, Пакистан и Бангладеш.

Во август, либискиот Национален преоден совет (NTC) ја предаде власта на Генералниот национален конгрес. Целта на Конгресот е да го организира управувањето со земјата за време на преодниот период, формирањето на министерските кабинети, како и донесувањето на Законот за избор во комисијата за изготвување нов устав. 

Преземено од Макфакс.

 

 

Пронајдете не на следниве мрежи: