Илиевска подготвена за настап на силниот турнир во Франкфурт

 

Најдобрите каратисти од Карате клубовите Макпетрол и Металург ги привршуваат заедничките подготовки пред заминување на еден од најсилните светски карате турнири кои треба да се одржи во Франкфурт, Германија.

„Турнирот во Франкфурт преставува пети турнир од вкупно шест кои се одредени како спортски арени. Дополнително за прв пат во 2012 година, Светската карате федерација организациски има поставено до крајот на годината уште два Светски карате купови кои треба да се одржат во Москва и Атина“, рече тренерот Бошко Заборски, дополнувајќи дека македонските каратисти од двата најреномирани карате клубови, Макпетрол и Металург, се подготвени да учествуваат на сите натпревари до крајот на годината. 

Тој е оптимистички расположен и верува дека и оваа година како и изминатите македонските сениори би требало да успеат да освојат медал во Франкфурт. 

Предводник на екипата која ќе замине во Франкфурт ќе биде Наташа Илиевска. 

„Верувам дека ќе го издржам силното темпо кое се наметнува од страна на Светската карате федерација до крајот на годината. Ова за мене ќе преставува втора посериозна контрола пред Светското првенство кое треба да се одржи во Париз во месец ноември. Во Франкфурт повторно се пријавени сите најдобро рангирани каратистки од целиот свет и свесна сум дека нема да биде лесно да се освои медал, но со мала спортска среќа и добар ждреб верувам дека далеку ќе стигнам“, вели Илевска. 

Заедно со неа за Париз ќе заминат и нејзините клупски другари: Томе Тодоровски, Симон Антиќ и младата Сара Радичевска. Со Макпетролците за Франкфурт ќе отпатуваат и шест спортисти од Металург: Огнен Груевски, Мартин Несторовски, Иво Цветковски, Ферат Корбуличи, Стојан Тасевски и Никола Илоски. 

Најдобро рангирани Македонски каратисти во Светската лига за 2012 година кај девојките се Наташа Илиевска и Наташа Стефановска, додека кај мажите Огнен Груевски и Жарко Арсовски. 

Турнирот во Франкфурт ќе се одржи на 22 и 23. септември.

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: