Се расветлуваат шпекулациите за смртта на турскиот претседател Озал

 

Телото на поранешниот турски претседател Тургут Озал кој почина пред деветнаесет години ќе биде ексхумирано поради расветлување на долгогодишните шпекулациите околу неговата смрт, јавува дописникот на Макфакс од Истанбул.

Јавното обвинителство од Анкара наложи да се отвори гробот на претседателот во Истанбул и повторно да се изврши аутопсија. Преку токсиколошка и ДНА анализа на примероци од коски, нокти, коса и сл., ќе се бара присуство на токсични супстанци поради сомневањата дека поранешниот претседател Тургут Озал не починал од инфаркт. туку бил убиен преку труење.

Ваквите сомневања првенствено потекнуваат од неговото семејство, особено сопругата Семра Озал, која тврдеше дека смртта на нејзиниот сопруг е сомнителна и дека тој бил отруен со арсеник ставен во неговиот пијалак, а беа поткрепени со фактот што и порано, во 1988 година, беше извршен неуспешен атентат врз претседателот. На ова се надоврзаа тврдењата дека во моментот на смртта во 1993 година, во неговата резиденција не се наоѓале лекар и возило за итна интервенција.

Експертите од судска медицина и истакнуваат дека иако преку анализа на коски по деветнаесет години е тешко да се утврди труење, сепак тоа не е невозможно. На овој начин може да се утврди присуство на жива, олово, арсеник, кадмиум и слични токсични супстанци во органите, како резултат на акутно или хронично труење извршено преку еднократна висока доза или долгорочно преку помали дози. Анализите ќе се прават напоредно во неколку институции, а првите резултати се очекуваат за три месеца.

Тургут Озал кој беше осмиот по ред претседател, во два наврата премиер на современа Турција и лидер на Татковинската Партија (АНАП), беше познат првенствено по економските реформи меѓу кои воведувањето на слободниот девизен курс и либерализација на увозот и извозот во земјата.

Преземено од Макфакс.

Пронајдете не на следниве мрежи: