Продолжува падот на директните инвестиции во Кина

Loading...

 

Директните странски вложувања во Кина повторно паднаа во август како резултат на продолжените слабости на кинеската и на глобалната економија, објави во средата владата во Пекинг.

Вложувањата од странство паднале во август за 1,4 отсто  во однос на истиот месец во 2011 година, на 8,4 милијарди долари, соопшти кинеското министерство за економија.

Трендот на падот на странските инвестиции трае уште од ноември минатата година а беше прекинат само во мај, кога директните надворешни вложувања во кинеската економија пораснаа за скромни 0,05 отсто.

Кинеската влада августовскиот пад го припиша на забавувањето на глобалниот економски раст, продолжувањето на европската должничка криза, растот на трошоците и слабата побарувачка во Кина.

Растот на кинеската економија, втората според обемов во светот, забавува веќе шест месеци по ред, а во последните три месеца до крајот на јули изнесуваше 7,6 отсто, што е најслаб резултат во последните три години.

Во осуммесечниот период, заклучно со крајот на август, странските компании вложиле во фабрики и други проекти во Кина 75 милијарди долари, што е за 3,4 отсто помалку, отколку во истиот лански период, се наведува во соопштението.

Инвестициите од 27-те земји членки на Европската унија паднале во тој период за 4,1 отсто во однос на периодот од јануари до август 2011 година, додека оние од САД биле помали за 2,9 отсто за истиот период.

Вложувањата од десетте азиски земји и од регионот, вклучувајќи ги и Хонгконг, Јапонија, Филипини, Малезија, Сингапур и Јужна Кореја, исто така, се паднати, и тоа за 5 отсто отколку за ситиот период минатата година.

Преземено од Макфакс.

loading...
Loading...