Филе: ЕУ сака нови членови, но не сака увоз на проблеми

Европската унија сака нови членови, но не сака нивните проблеми да се увезат во Унијата вели еврокомесарот за проширување Штефан Филе во интервју за Радио Слободна Европа.„Прво е важно да се каже дека овој принцип за добрососедски односи е еден од основните копенхагеншки критериуми.

Ова е основно барање за секој што сака да се приклучи во Европската унија и целта е многу чиста, ЕУ сака нови членови, но не сака нивните проблеми да се увезат во Унијата. Во случајот со Скопје и разговорите од трета рунда од дијалогот на високо ниво, ова беше првпат значително да се осврнеме на овој важен критериум. Тоа се однесува, се разбира, прво на спорот за името со Грција, но, како што реков, треба да се направат напори за да се подобрат односите со сите соседи“ вели Филе.

Еврокомесарот Филе во неделното интервју на Радио Слободна Европа уште истакнува дека не е реално да се очекува пристапните преговори да почнат, а прашањето за името да се решава подоцна.

„Членовите на Унијата се јасни за тоа која е нивната позиција за прашањето за името и што треба да се направи, ние уште не сме ги направиле првите чекори, ние уште не сме го усвоиле извештајот за напредокот, таму е важната препорака. Јас очекувам дека членките на ЕУ во декември ќе дејствуваат по неа, јас многу се надевам дека ќе ги земат предвид и тие позитивни елементи кои ги донесе дијалогот на високо ниво, но повторно ќе кажам, би било наивно да се верува дека сето тоа може да се случи, дека може да се донесат позитивни одлуки, паркирајќи го спорот со името некаде на напуштен паркинг на крајот на овој долг пат“ вели Филе.

Тој им порачал на политичките партии и коалициски партнери да направат сè што е можно за стабилизација на државата, да се направи сè што е можно да се создадат услови потенцијалот што го нуди дијалогот на високо ниво да се искористи најдобро што е можно.

„Затоа што ако одлуката е навистина да се оди на предвремени парламентарни избори, се плашам дека таа динамика ќе се изгуби и кој знае колку време ќе биде изгубено. Јас не сум тој што треба да оцени во ситуацијава, дали сега има повеќе шанси за предвремени избори или не, тоа не зависи од мене. Но дефинитивно сум тој што е јасно заинтересиран за тоа владата да работи напорно и коалициските партнери да работат на начин на кој ќе си веруваат меѓусебно, да има транспарентност, предвидливост и да ги капитализираат резултатите од дијалогот на високо ниво. Не бидејќи е добро за нив, туку затоа што е добро за државата, добро е за македонските граѓани“ изјави Филе. (Макфакс) 

 

Пронајдете не на следниве мрежи: