Пласман во средината на табелата, во конкуренција на 14 екипи, ќе биде задоволителен за Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром, во дебитанската сезона во регионалната АБА лига.
Сезонава во АБА лигата ќе се натпреваруваат 14 екипи од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија и Унгарија, како главни фаворити за титулата се издвојуваат српските екипи Партизан, Црвена звезда, Раднички, хрватските Цедевита и Цибона и Олимпија од Словенија.
Својот прв натпревар во оваа конкуренција македонскиот шампион ќе го одигра во сабота во Загреб, против екипата на Цибона.
„Знаеме која е силата на оваа лига, знаеме кои се кредибилитетите на екипите кои играат во лигата, МЗТ оваа година како прв македонски учесник во историјата ќе има за цел да оствари резултат, за кој знаеме дека нема да биде спектакуларен, но она во што можеме да ја убедиме спортската јавност е да ја претставиме достојно македонската кошарка. Оваа година со нашите игри ќе се обидеме да отвориме уште едно место за македонска екипа во ова натпреварување. Доколку избориме пласман во средината на табелата, тоа ќе биде успех, поради тоа што МЗТ долго време не е присутен на меѓународен план. Имаме доволно играчи и стручен потенцијал да тоа и го оствариме“, рече спортскиот директор на клубот Ѓорѓе Војновиќ.
Тренерот на МЗТ, Александар Тодоров направи осврт на она што со неговите избраници го сработеле во подготвителниот дел. Според него првиот дел бил одработен максимално квалитетно, додека вториот дел минал со одредени проблеми .
„Се соочивме со низа проблеми, пред се со повреди на двајца високи играчи. Сите контролни натпревари ги одигравме во некомплетен состав и на сето тоа се надоврза и раскинувањето на договорот со Брендон Вуд и сето тоа не врати еден чекор назад, во однос на она што претходно го сработивме во подготовките. Сепак независно од се мислам дека сме добро подготвени“, рече тренерот Александар Тодоров.
Тој информира дека Тодор Гечевски веќе цела недела се наоѓа во тренажен процес и дека искусниот центар ќе игра против Цибона, додека Кирил Николовски ќе патува во Загреб, но бидејќи не ја санирал целосно повредата тој нема да влегува во игра.
Тодоров смета дека негова најголема задача ќе биде психички да ги подготви своите играчи за настап во регионалната лига.
„Ќе настапуваме во сали и против екипи кои што до вчера сме ги гледале на телевизија, против играчи за кои сме разговарале. Играчите треба да разберат дека без оглед на славните истории на клубовите и на познатите имињата на играчите, дека и тие се само обични кошаркари. Ние пред една година докажавме дека Македонија може достојно да се претстави во Европа“, рече Тодоров.
Раководството на МЗТ, откако во вторникот пропадна трансферот на Владо Илиевски, дека до петок навечер ќе се обиде да ангажира плејмејкер, позиција која е празна по заминувањето на Вуд.
„Имаме група од три имиња кај кои што влијание има постојниот буџет на клубот и квалитетот на кошаркарите. Играчите кои ги имаме во предвид имаат искуство од и играње во оваа лига и се со добро интернационално искуство. Последниот збор околу тоа кој играч ќе го засили МЗТ ќе го има тренерот Тодоров“, рече спортскиот директор Војновиќ.
Експедицијата на МЗТ во петок ќе замине за Загреб, натпреварот со Цибона ќе се одигра во сабота со почеток во 20:30 часот.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: