Червар: Шамбери е фаворит, но тоа ќе треба да го покаже

 

Ракометарите на Металург во недела во Франција ќе стартуваат во новата сезона во Лигата на шампиони.

Проектирана цел на македонскиот првак е да се повтори резултатот од минатата сезона, кога Металург избори пласман во Топ 16 фазата, а доколку се укаже шанса да се направи и чекор понапред.

Противници на Металург во Ц Групата ќе бидат францускиот Шамбери, данскиот Силкеборг, Горење Велење од Словенија, полскиот Киелце и рускиот Санкт Петербург.

Тренерот на Металург, Лино Червар, со низа комплименти го окарактеризира Шамбери, првиот противник на Металург во лигата на шампиони.

„Шамбери со Монпеље е најдобриот тим во Франција. Составен е од интернационалци, а тука се и тројцата браќа Жил. Имаат одлични крилни играчи. Нема да ни биде лесно. Имаат гласна публика и имаат четири победи од четири натпревари во првенството. Знаеме што не очекува, знаеме дека се фаворити, но нема да се предадеме. Се подготвувавме за нив, размислуваме позитивно, фаворити се на хартија, но тоа ќе треба да го покажат и на теренот”, изјави Червар.

Групата во која се наоѓа Металург не е атрактивна, но е далеку од лесна и според прогнозите пет од шесте тима ќе се борат за четирите места кои носат пласман во Топ 16 фазата.

„Ќе биде потешко од лани, но очекувам интересна сезона до самиот крај. Екипата на Шамбери е фаворит, но и ние имаме свои математики. Нашата цел на овој натпревар ќе биде да ги повториме игрите од квалификацискиот турнир во Норвешка”, рече Ванчо Димовски, капитен на Металург.

Македонскиот тим утре заминува за Франција, а натпреварот ќе се одигра во недела во Шамбери во 19:00 часот.

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: