Признаваат дека се обложиле, но не и дека местеле

Loading...

Ракометниот клуб Монпеље негира местење на натпревар, откако неколку поранешни и актуелни играчи беа приведени од француската полиција со такво обвинение.

Меѓу уапсените се наоѓа и еден од најдобрите светски ракометари Никола Карабатиќ, како и еден член на стручниот штаб и девојката на еден од ракометарите. Вкупно 17 лица ноќта ја минале во притвор под обвинение дека минатата сезона го наместиле натпреварот со Рен. 

Монпеље го загуби тој натпревар со 31:28, што беше вистинска сензација, иако Карабатиќ и останатите веќе ја имаа освоено шампионската титула. 

Сомнежите во регуларноста на натпреварот се појавиле во моментот кога е откриено дека сопругите и девојките на осуммина ракометари, како и неколку лица вработени во клубот, во три обложувалници во Франција се обложиле дека Монпеље ќе го загуби натпреварот, со што заработиле 200.000 евра. 

Во Франција, од 12. мај, на спортистите им е забрането да се обложуваат. 

Адвокатот на ракометарите кои се уапсени рече дека тие ќе признаат дека се обложувале, но дека не станувало збор за местење на натпреварот. 

Според француските медиуми, доколку ракометарите бидат прогласени за виновни, можат да бидат суспендирани на шест натпревари и да платат казна од 15.000 евра. 

Доколку пак се докаже дека го наместиле натпреварот, тогаш тие ќе треба да платат 75.000 евра, но и ќе се соочат со петгодишна затворска казна. 

Првиот човек на Монпеље, Реми Леви, шокиран од целиот настан, не сакаше да го коментира апсењето на своите ракометари. 

„Ова е тест за сите, за играчите, за Монпеље и за ракометот воопшто“, рече претседателот на Ракометниот сојуз на Франција, Жоле Делпанг.

 

Макфакс

извор: б92

loading...
Loading...