Денешните парламентарни избори судбоносни за Грузија

Loading...

Денешните парламентарни избори во Грузија ќе ја одредат судбината на земјата и ќе покажат дали поранешната советска република ќе ги задржи тесните врски со Западот или ќе се сврти кон Русија, јави БТА.

Тие претставуваат првиот голем тест за актуелниот претседател на Грузија Михаил Саакашвили во изминатите десет години поминати на власт.

Саакашвили тврди дека неговиот противник на денешните избори, милијардерот Бидзина Иванишвили одржува тесни врски со Русија, со која Грузија беше во куса војна во 2008 година.   

Западот внимателно го набљудува тоа што се случува во Грузија, бидејќи сака земјата да биде стабилна поради нејзината улога во енергетските доставки за Европа и поради нејзината клучна геополитичка положба меѓу Русија, Иран, Турција и Централна Азија. 

Пред изборите видеснимките од измачувани и сексуално злоупотребувани затвореници станаа повод за протестите во земјата. Снимките беа емитувани на два телевизиски канали, раководени од противници на Саакашвили. Иванишвили изрази надеж дека тој скандал ќе ги натера гласачите, кои до последен момент не се определиле за кого ќе гласаат да го поддржат на изборите. 

– Денеска гласав против насилството и злоупотребувањата, Како да не гласам против тоа, по она што го видовме на телевизиите, изјави Натела Жоржолијани, откако го пушти избирачкото ливче во гласачката кутија во училиште во Тбилиси. Оваа грузиска граѓанка призна дека гласала за шестпартиската коалиција „Грузиски сон“ на Иванишвили, која најави  промена на грузискиот политички пејсаж, обединувајќи ги разединетите опозициски сили. 

Доколку Обединетото национално движење на Саакашвили ја задржи доминирачката улога во Парламентот, тоа може да му овозможи да остане на власт во земјата со 4,5 милиони жители. Доколку партијата на Саакашвили ја загуби водечката улога во Парламентот, Иванишвили може да стане премиер и водечки грузиски политичар. 

Доколку „Грузиски сон“ победи на изборите тоа ќе биде прво предавање на власт преку избори од една партија на друга по распаѓањето на Советскиот сојуз. 

Саакашвили, кој денеска гласаше заедно со неговата сопруга, која е Холанѓанка и нивниот малолетен син, тврди дека неговата партија претставува најдобрата опција за демократијата и реформите во Грузија. Без директно да ја споменува Москва, тој истакна дека опозицијата ќе ја врати Грузија кон нејзиното минато, во кое беше под влијание на Русија. 

Приврзаниците на Саакашвили го обвинувааат Иванишвили, кој поголемиот дел од своето богатство го има стекнато во Русија, дека е лице на Кремљ. Милијардерот ги демантира ваквите тврдења, но вели дека подобро од Саакашвили ќе се справи во прашањето за одржување на врските со Москва. 

Коалицијата на Иванишвили тврди дека на денешното гласање имало нарушувања и насилство. Преку соопштениет коалицијата нагласува дека некои од нејзините набљудувачи добиле телефонски закани од лица, кои тврделе дека се од полицијата.

Мнозинството Грузијци сакаат денешните избори да бидат почеток на обновувањето и економското зајакнување на Грузија. Грузиската економија, која претрпе удари од војната во 2008 година и од светската финансиска криза, бележи раст од 2010 година досега, но сепак прогнозите велат дека инфлацијата до крајот на оваа година ќе достигне меѓу шест и седум проценти.

Анкетата на американскиот Национален демократски институт, спроведнеа во август, покажа дека партијата на Саакашвили ќе освои 37 проценти од гласови наспроти 12 отсто за „Грузиски сон“. 

 

loading...
Loading...