СЕ ја повика Русија повеќе да ги почитува демократијата и човековите права

Парламентарното собрание на Советот на Европа (PACE) во вторникот ја усвои „резолуцијата“ со кој од Русија бара поголемо почитување на демократијата и човековите права.

Сепак, од друга страна, построгиот нацрт на „препораките“ коишто ги изнесоа авторите на текстот и кој беше жестоко критикуван од руските претставници, не го доби двотретинското мнозинство од пратениците, без кое не можеше да биде усвоен.

За извештајот на PACE за Русија, којшто го изготвија известувачите Андреас Грос и Ѓорѓи Фрунда, за „почитувањето на преземените обврски на Руската Федерација“, прв по 2005 година, гласаа 161 присутен пратеник, 41 беше против и седум беа воздржани при гласањето.

Во резолуцијата на собранието се поздравуваат некои „многу позитивни иницијативи“ во политичката, изборната и правосудната сфера, меѓутоа се нагласува и загриженост поради конкретни законски решенија коишто довеле до „влошување на условите неопходни за вистински политички плурализам“.

Во таканаречената „резолуција“ донесена во вторникот навечер, собранието повикува на „моментално ослободување“ на членките на панк група Pussy Riot чија неодамнешна пресуда на две години затвор ја оценија како „очигледно несразмерна“ на тежината на прекршокот.

На 21-и февруари годинава пет фанови и членките на Pussy Riot носејќи маски се втурнале во проповедалницата каде што е забранет влезот за несвештени лица и дошле до олтарот. Тие вклучиле засилувач и почнале да извикуваат навреди за свештенството и верниците, повикувајќи ја во нивната „панк молитва” Мајката Божја да го земе кај себеси претседателот Владимир Путин. Тие тогаш не беа уапсени, но против нив беше подоцна подигнато обвинение за хулиганство. Московскиот суд на 17-ти август 22-годишната Надежда Толоконикова, 24-годишната Марија Алохина и 30-годишната Екатерина Самуцевич ги прогласи виновни и ги осуди на двегодишни затворски казни поради „хулигантство поттикнато од верска омраза”. Обвинителството бараше казна од најмалку три години затвор, додека максималната казна за вакви дела во рускиот правосуден систем изнесува седум години. Сепак, се смета дека на девојките може да им биде и пресудена условна, а не реална затворска казна.

Шефот на руската делегација, Алексеј Пушков, претседател на комисија за надворешна политика во руската Дума кој отпатува во Стразбур на место од претседателот на Думата, Сергеј Наришкин, некои делови од извештајот ги оцени како „неприфатливи“ и рече дека главната причина за откажувањето на Наришкин, било токму предавањето на нацрт „препораките“ во последен момент, предупредувајќи дека тоа би можело да има „многу негативни ефекти“.

Стразбур, 03.10.2012 (Макфакс)

Пронајдете не на следниве мрежи: