Во Денвер се одржа првото од трите планирани телевизиски соочувања на кандидатите за претседател на САД, Барак Обама и Мит Ромни.
Кандидатот на Републиканската партија, Ромни, го обвини актуелниот претседател и кандидатот на Демократската партија за нов претседателски мандат, Барак Обама, за лошите состојби во американското стопанство.
Анкетите пред ова соочување на двајцата кандидати предност му даваа на Обама, поради што Ромни беше приморан да тргне во напад.
Главна тема на 90-минутното соочување беа даноците, здравствениот систем и улогата на владата во управување со стопанството. Ромни го обвини Обама за лошите потези на владината политика која доведе до пораст на невработеноста во САД на 8,1 отсто.
„Загрижен сум бидејќи се наоѓаме на патот на кој не носи успех. Гледиштето на претседателот е слично какво што беше и пред четири години, а тоа значи поголеми даноци и зголемено трошење. Тоа не е одговор на состојбата во која се наоѓа Америка“, рече Ромни.
Обама рече дека Ромни предлага еднакви мерки за намалување на даноците, какви што во Конгресот предложи Џорџ Буш во 2001 и 2003 година.
„Благодарение на тоа суфицитот е заменет со дефицит, а се кулминираше со најголемата криза уште од времето на Големата депресија“, рече Обама.
Првата дебата на претседателските кандидати мина без бомбастични изјави, двајцата соговорници укажуваа на разликите во своите ставови базирани на статистички показатели.
До крајот на претседателската кампања предвидени се уште две телевизиски соочувања на кандидатите, а во еден од нив на 11-ти октомври ќе се соочат и кандидатите за потпретседател Џо Бајден и Пул Рајан.
Американските претседателски избори ќе се одржат на 6-ти ноември.
Денвер, 04.10.2012 (Макфакс)
Пронајдете не на следниве мрежи: