Червар: Победата над Шамбери ќе вреди само доколку се победи Горење

Loading...

 

Ракометниот шампион на Македонија, Металург, во сабота ќе го одигра натпреварот од второто коло во Лигата на шампиони. Противник на избраниците на тренерот Лино Червар ќе биде првакот на Словенија Горење Велење.

Металург во мечот влегува по големата победа над Шамбери во Франција и неочекуваниот пораз од хрватскиот тим Нексе во регионалната СЕХА лига. 

„Патот од небото до земјата е краток, не може да се живее на старата слава, тоа не може да се случи во спортот. Во спортот мора да се докажувате секој ден. Не е оправдување што со Нексе не играа Мојсоски, Миркулоски и Димоски. Но ние научивме многу од Нексе, мене лично мечот ми беше интересен затоа што Горење игра на ист начин како и Нексе. Играат цврста зона со брза транзиција, преку брзиот центар или контрата и полуконтра“, рече на прес конференцијата тренерот на Металург Червар. 

Трофејниот стратег во кусата анализа на играта на Горење, истакна дека носител на играта е Безјак, ракометар кој има добар преглед на играта и чувство за правовремена асистенција. Безјак ја сочинува бековската линија заедно со репрезентативните колеги Цехте и Доленц. 

Во брзата транзиција предничат крилата Медвед и црногорскиот репрезентативец Мелиќ. Одличен на голот, еден од најдобрите на таа позиција е голманот Гајиќ. 

„Горење е една борбена екипа со силен карактер, големи се борци, во одбраната секогаш играат на граница на инцидент. Тоа е екипа која многу бргу знае да ги казни сите грешки, тие се во состојба негативата многу бргу да ја претворат во позитива од неколку голови. Тоа е поради тоа што на противникот му наметнуваат игра со многу трчање“, вели Червар. 

Предводникот на Металург е загрижен поради изјавите дека мечот со Шамбери го добил нападот, според него не е добро доколку нападот го добива натпреварот, а го загрижува податокот дека неговиот тим на последните две средби прими по 30 голови на натпревар. 

„Мора на натпреварот со Горење да одиграме добра зона, да примиме помалку од 30 голови. Ланската статистика на Горење покажува дека на 93 отсто од натпреварите постигнувале преку 30 погодоци. Тоа е тој ритам кои го наметнуваат, со силно темпо ги мелат противниците“, рече Червар, дополнувајќи дека верува во својот тим и дека верува во победа со која уште повеќе на значење ќе добие триумфот над Шамбери. 

Металург и Горење, во пресрет на меѓусебниот дуел имаат по една победа, во првото коло Горење го победи Санкт Петербург со 35:22, а Металург славеше кај Шамбери со 33:30. 

Натпреварот од второто коло во Лигата на шампиони ќе се одигра во сабота, во СЦ Борис Трајковски со почеток во 18 часот.

 

Макфакс

loading...
Loading...