Турскиот парламент во четвртокот на затворена седница и’ дозволи на владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган едногодишен мандат за прекугранични воени операции, вклучувајќи и во однос на Сирија, јавуваат локалните електронски медиуми.
Со барање за донесување на ваквата одлука во законодавниот дом на Турција, владата на Ердоган се обрати во средата навечер, во врска со инцидентот кој истиот ден, средата 3-ти октомври, се случи во турското место Акчакале во пограничната област со Сирија, каде што од минофрлачка граната истрелана од сириска територија загинаа пет цивили, а девет беа ранети. Во одговор турската артилерија гранатираше во средата навечер и во четвртокот наутро позиции на сириската регуларна армија, којашто ја смета одговорна за инцидентот што Анкара го третира како напад врз нејзиниот територијален суверените, во областа на местото Тал Абџад при што загинаа неколку сириски војници.
Првично, турскиот парламент во четвртокот на 4-ти октомври требаше да расправа за продолжувањето за уште една година на мандатот за воените операции во северен Ирак, во врска со истекот на ваквиот мандат кој моментално е на сила до 17-ти октомври. Турската армија периодично врши операции, главно од воздух, во соседен северен Ирак, каде што се стационирани базите на сепаратистичката Курдистанска работничка партија (PKK) којашто изведува терористички напади во Турција.
„Актуелната криза во Сирија се заканува, како на регионалната стабилност и безбедност, така и нашата национална безбедност“, се вели во владиното барање, во коешто дејствијата на сириската страна се нарекуваат „агресивни и насочени против територијата на Турција“.
„Ситуацијата ја достигна фазата кога претставува сериозна закана и опасност за нашата национална безбедност. Ова ја покренува потребата да се дејствува брзо и навремено и да се преземат неопходните мерки против дополнителните опасности и закани кои може да бидат насочени против нашата земја“, се вели во документот што до турскиот парламент го поднесе владата на Ердоган.
Во него, исто така, се нагласува дека владата бара парламент врз основа на членот 92 од уставот на земјата да се определи мандат за насоката на дејствување на турските вооружени сили надвор од границите на земјата. Мандатот за тоа може да го даде само парламентот.
НАТО и Обединетите нации претходно во четвртокот побараа до Сирија веднаш да престане со сите акти на агресија против Турција. Сириските власти, пак, од своја страна изразија сочувство до семејствата на жртвите и изјави дека тие најитно ќе го испитаат случајот.
Анкара, 04.10.2012 (Макфакс)
Пронајдете не на следниве мрежи: