Турција предупредува дека не е далеку од војна

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган предупреди во петокот дека неговата држава не е далеку од војна со Сирија, по овонеделните прекугранични инциденти, кои укажуваат дека побуната против сирискиот претседател Басар ал-Асад може да ги вовлече во судир и соседните земји.

Ердоган во говорот пред насобраниот народ во Истанбул предупреди дека владата на Асад би направила фатална грешка доколку се одлучи на судир со Турција.

„Не сакаме војна, но не сме далеку од неа. Тие настојуваат да ја тестираат турската способност за возвраќање, нејзината одлучност, нејзината способност и чинат фатална грешка“, изјави Ердоган.

Турскиот премиер го одржа говорот, откако во вторникот во минофрлачки напад од Сирија на југоисточна Турција беа убиени пет цивили.

Турската артилерија во средата и четвртокот одговори бомбардирајќи сириски воени цели, убивајќи притоа неколку сириски војници, а турскиот парламент одобри прекугранични воени акции во случај на натамошна агресија.

Ердоган го отфрли објаснувањето на Дамаск дека нападот на Турција бил трагична случајност, велејќи дека тоа е веќе осми пат како сириска граната паѓа на турска територија.

Истанбул, 05.10.2012 (Макфакс)

Пронајдете не на следниве мрежи: