Турската армија возвратила на бомбардирање во Сирија

Турската армија во саботата наутро возвратила со оган врз позиции на територијата на Сирија, откако во пограничната провинција Хатај паднала минофрлачка граната, јави телевизијата NTV.

 

„Проектилот истрелан од сириска територија падна на селото Ѓувенч, во пограничната провинција Хатај . Нема жртви. Турската војска одговори веднаш со артилериски оган…“, пренесува турската телевизија.

 

Во петокот навечер, турската армија, исто така, отворила оган врз сириска територија, се додава во извештајот на NTV.

 

Парламентот на Турција и изгласа на владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган, едногодишен мандат за задгранични воени операции, вклучувајќи и во Сирија, еден ден по инцидентот во близина на турско-сириската граница. Во средата навечер минофрлачки проектили истрелани од сириска територија паднаа во пограничното село Акчакале во југоисточна Турција, при што загинаа пет лица, а девет беа повредени. Како одговор Турција возврати со артилериски оган врз позиции на сириската регуларна армија, при што загинаа неколку сириски војници.

 

НАТО и Обединетите нации побараа од Сирија веднаш да престане со сите акти на агресија против Турција. Сириска власти, пак, изразија сочувство до семејствата на жртвите и по брзата истрага и’ се извинија на Анкара за инцидентот.

 

Анкара, 06.10.2012 (Макфакс) 

Пронајдете не на следниве мрежи: