Доминантна победа на Ветел на ГН на Јапонија

Loading...

 

Себастијан Ветел, возачот на Ред Бул, доминантно победи на Големата награда на јапонија и се врати во борбата за титулата.

Фернандо Алонсо, лидер во генералниот пласман, мораше да се откаже уште во првиот круг по сударот со Кими Раиконен.

„Кими ме исфрли. Не знам што се обидуваше бидејќи немаше место. Тоа е малку тажно, но сега мора да се концентрираме и да размислуваме за следната трка во Кореја. Мора да продолжиме да работиме добро и да не грешиме. Овој пат јас се откажав, а следната може тоа да биде Ветел. Благодарејќи на работата и трудот сè уште сум водечки во првенството”, изјави Алонсо.

Сепак, во Ферари имаат причина за славење. Фелипе Маса заврши втор пред домашниот возач Камуи Кобајаши.

Ова за Маса беше прв подиум оваа година, а можеби на тој начин ја осигура и иднината во Ферари. Кобајаши низ целта помина две секунди пред Џенсон Батон. Вториот возач на Мекларен Луис Хамилтон беше петти, пред Кими Раиконен.

Ветел, актуелниот светски првак, во трката влезе од пол позиција и водеше од почетокот до крајот. Германецот стана прв возач оваа сезона што славеше на две трки по ред, а ова му е трета победа во Јапонија во последните четири години.

Во генералниот пласман Алонсо има четири бодови повеќе од Ветел. Раиконен остана на трето место со 33 бода заостаток зад Ветел и пет бода предност пред Хамилтон. До крајот на првенството останаа уште пет трки.

 

Макфакс

извор: Индекс

loading...
Loading...