Штимац веќе го знае тимот кој ќе истрча на „Филип Втори“

 

Игор Штимац, селекторот на фудбалската репрезентација на Хрватска, со најсилниот состав ќе и се спротистави на Македонија, на натпреварот, кој во петок ќе се одигра во Скопје.

„Dnevnik.hr“ анализирајќи го последниот тренинг на „коцкестите“, пишува дека Штимац во Скопје ќе состави тим со само еден напаѓач, а формациски ќе делува слично како и на првиот меч во Загреб, 4-2-3-1. 

Штимац, слично како и на натпреварот со Белгија ќе ја засили десната страна каде би одиграл со два десни бека, со тоа што капитенот Срна би играл пред Вида. 

Според истиот извор хрватскиот тим на „Филип Втори“ би истрчал во следниот состав: Плетикоса – Вида, Чорлука, Шимуниќ, Стриниќ – Вукојевиќ, Модриќ, Срна, Крањчар (Перишиќ), Ракитиќ – Манџукиќ. 

„Одработивме тренинг со акцент на техничките детали. Сакам да го искристализирам составот за Македонија. Жалам што Иличевиќ и Олиќ не се со нас, но имаме доволно играчи кои можат да ги заменат“, изјавил Штимац. 

Хрватскиот селектор во изборот на тактиката посебно внимание ќе посвети на најдобриот играч на „црвено-жолтите“ Горан Пандев, кој на првиот меч беше најдобриот играч на теренот. Штимац сеуште размислува дали врз Пандев да постави еден играч, веројатно Вукојевиќ или врз капитенот на македонската репрезентација да одигра со превземање. 

Хрватската репрезентација во четврток претпладне ќе пристигне во Скопје, а единствениот тренинг ќе го одработи истиот ден, во време на одигрувањето на натпреварот. 

Македонија и Хрватска, во рамките на третото квалификациско коло, во А групата за пласман на Мундијалот во Бразил, ќе се сретнат во петок на „Филип Втори“, мечот ќе стартува во 20:15 часот.

 

Макфакс

извор: dnevnik.hr

Пронајдете не на следниве мрежи: