Штимац: Многумина конкурираат за место во стартниот тим

 

Хрватскиот селектор Игор Штимац е задоволен од мотивираноста и ангажманот кои неговите избраници ги покажуваат на тренинзите.

По претпладневниот тренинг на прес конференцијата рече дека тоа е предуслов неговата репрезентација успешно да го мине тешкото гостување во Скопје. 

„Не очекува тежок натпревар, можеби и потежок од оној кој го одигравме во Белгија, но доколку тркачки бидеме расположени и агресивни на теренот, како што тоа ќе бидат домаќините, тогаш резултатот нема да изостане, бидејќи технички сме поквалитетни“, изјавил Штимац. 

Хрватскиот селектор не одговорил на прашањето околу стартните единаесет, само истакнал дека има „слатки маки“, со кој тим да го започне мечот на „Филип Втори“.

„Многумина конкурираат за место во стартниот тим. Се подготвуваме на начин кој ќе ни овозможи полесна адаптација на се она што не очекува на овој натпревар, но клучно ќе биде да ја наметнеме својата игра и преку неа да бараме позитивен исход“, рекол предводникот на хрватската репрезентација. 

Штимац со коментар и за македонската репрезентација која, како што вели, исклучително ја почитува. 

„Македонците имаат причини да веруваат дека можат да извлечат позитивен резултат, право на тоа им даваат игрите на првите две средби. Во Скопје не очекува полн стадион, но така е секаде каде што гостува Хрватска. Тоа значи дека не почитуваат и дека вредиме. Сите сакаат да ни го симнат ’скалпот’“, изјавил селекторот на Хрватска Штимац. 

„Dnevnik.hr“, анализирајќи го последниот тренинг пишува дека Штимац во Скопје ќе состави тим со само еден напаѓач, а формациски ќе делува слично како и на првиот меч во Загреб, 4-2-3-1. 

Штимац, слично како и на натпреварот со Белгија ќе ја засили десната страна каде би одиграл со два десни бека, со тоа што капитенот Срна би играл пред Вида. 

Според истиот извор хрватскиот тим на „Филип Втори“ би истрчал во следниот состав: Плетикоса – Вида, Чорлука, Шимуниќ, Стриниќ – Вукојевиќ, Модриќ, Срна, Крањчар (Перишиќ), Ракитиќ – Манџукиќ.

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: