Бернардо Бертолучи, автор на исклучителните филмови како „Последното танго во Париз“ и „Последниот кинески цар“, е добитник на наградата за животно дело која ја доделува Европската филмска академија.
Како што стои во соопштението на ЕФА, Бертолучи од филмот „Пред револуцијата“ од 1964 година, „не престана да го обликува нашиот поглед кон светот“.
Бертолучи првата номинација за Оскар ја доби за филмот „Конформист“ од 1970 година. Две години подоцна со „Последното танго во Париз“ беше номиниран за два Оскара.
Уште поголемо внимание побуди со филмот „1900“ во кој улогите ги толкуваат Роберт де Ниро, Жерард Депардје и Берт Ланкестер, а потоа и со „Последниот кинески цар“ кој во 1987 година освои девет Оскари, три БАФТА награди, француски Цезар, како и специјалната награда на жирито на првото доделување на Европските филмски награди во 1988 година.
Неговиот најнов филм, „Јас и ти“, премиерно, надвор од конкуренција, е прикажан на овогодишниот филмски фестивал во Кан.
Пронајдете не на следниве мрежи: