Почина пејачот на КУД Идиоти, Бранко Чрнац Туста

Фронтменот на панк бендот од Пула КУД Идиоти, Бранко Чрнац Туста, почина во неделата вечер по долга борба со болеста, јави Радио Слободна Европа.

На Туста пред повеќе од една година му беше дијагностициран рак на грлото и градите. Иако, неговата состојба во еден момент била подобра, пред неколку месеци нагло се вложила, по што пејачот го изгубил и гласот.

КУД Идиоти стапија на панк сцената на поранешна Југославија на почетокот на осумдесетите години од минатиот век, но првиот албум го издаваат дури во 1987 година под наслов „Bolivija R’n’R“.

Истата година стануваат познати на широката публика, по што се прогласени за најдобар бенд на Младинскиот фестивал во Сараево.

Со песните на српскохрватски јазик, а понекогаш и на италијански, го критикуваа општествениот систем во кој можните профитираат од работниците, но на концертите кои ги држеа низ цела поранешна Југославија, пееја за животот во Пула и маргиналците кои биле дел од секојдневието на градот.

За време на војната меѓу Хрватска и Србија, Идиоти беа гласни критичари на националистичката идеологија која ја водеа политичарите во Белград и Загреб.

Извор: Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: