ХРВ: Гадафи умрел во тешки маки

Loading...

Новите докази за убиството на соборениот либиски диктатор Моамер Гадафи по неговото заробување и погубување на десетици негови приврзаници ги отвараат прашањата за околностите на неговата смрт, објави во среда Хјуман Рајтс Воч (ХРВ).

Во извештајот од 50 страни, насловен „Смрт на диктаторот: Крвава одмазда во Сирт“, детално се опишуваат последните часови на Гадафи и околностите на неговата смрт, смртта на неговиот син и припадниците на неговиот конвој, врз основа на сведоштва и фотографии снимени со мобилен телефон.

Во најдеталниот извештај за последните часови на либискиот диктатор се открива како Гадафи не бил убиен во престрелка со бунтовниците, туку умрел во тешки маки откако бил заробен.

Гадафи најпрво бил ранет во експлозија на рачна бомба, која експлодирала на само неколку метри од него додека се обидувал да побегне од својот дом во Сирт. Потоа бил заробен од страна на бунтовниците, а починал откако од грб бил прободен со бајонет, поради што искрварил и умрел во тешки маки. Според извештајот на Хјуман Рајтс Воч, поранешниот диктатор најверојатно бил мртов кога еден од бунтовниците истрелал куршум во неговото чело.

Лекарот кој ја правел обдукцијата се нашол под голем притисок и смртни закани за да ги заташка вистинските причини за смртта на 69 годишниот диктатор, па во извештајот напишал дека Гадафи бил убиен во престрелка.

Неколку часа пред смртта, Гадафи во конвој од 50 автомобили и 250 војници се обидел да побегне од Сирт, каде што се криел по бегството од Триполи. Две гранати на НАТО ја присилиле групата да ги напуштат автомобилите и бегството да го продолжат пеш.

ХРВ верува дека во судирите со бунтовниците се убиени 103 лица, а Гадафи бил фатен кога се обидувал да најде засолниште. Бил во придружба на министерот за одбрана и еден телохранител, кој се обидел со граната да ги растера бунтовниците. Наместо тоа, таа се одбила и паднала близу Гадафи, при што тој бил повреден.

Откако бил фатен, додека бунтовниците го воделе кон главниот пат, бил прободен со бајонет и злоставуван, а дури потоа бил префрлен во возило на Брза помош.

Од преостанатите 150 лојалисти кои се наоѓале во конвојот, 66 се мачени и убиени во хотелот Махара, додека останатите се превезени во градот Мисрата и убиени.

Макфакс

loading...
Loading...