Договорен единствен надзор врз банките во ЕУ

Челниците на Европската унија (ЕУ), постигнаа согласност за воспоставување на единствен надзор врз европските банки, што преставува прв чекор кон воведување на банкарска унија.
Согласноста преставува компромис помеѓу Франција и Германија, Франција инсистираше на единствен надзор над банките, кој би започнал од почетокот на следната година, додека Германија истакнуваше дека со ова не треба премногу да се брза.
Париз, исто така, инсистираше да се надгледуваат сите банки, околу шест илјади во еврозоната, додека Берлин сметаше дека под надзор треба да бидат само најголемите банки, кои делуваат преку гранично во повеќе држави членки.
Според постигнатиот договор, до крајот на годината ќе треба да биде донесена правна рамка за воспоставување на единствен надзорен механизам, кој би требало да започне да делува во текот на 2013 година, а не на почетокот од годината, што е отстапка која ја направи Германија, која од друга страна, се согласи да се надгледуваат сите банки во евро зоната. Европската централна банка ќе ги добие овластувањата да биде супервизор.
Воспоставување на единствен надзор врз банките во евро зоната е исклучително важен, бидејќи тоа е предуслов  фондот за спасување на еврото, Европскиот механизам за стабилизација, да може директно да биде вклучен во докапитализација на банките. Сите шест илјади банки во евро зоната постепено ќе потпаднат под надзор до 2014 година, почнувајќи од банките кои добиваат државна помош.
Формирање на банкарската унија, според ММФ и економските експерти е прв чекор кон пребродувањето на тригодишната должничка криза во евро зоната.
Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: