Изложбата „Мајка Тереза од Калкута, икона на милосрдието“ ќе биде отворена денеска во криптата на базиликата „Св. Антоние Латерански“ во Рим, токму на годишнината од нејзината беатификација.
На изложбата ќе биде презентирано детството и младоста на скопјанката Гонџа Бојаџиу. Ќе бидат изложени фотографии од нејзиното семејство, пријателите и од родното Скопје од почетокот на 20 век. Фотографии од овој период ќе бидат изложени на 149 панели, на кои ќе бидат илустрирани и текстови од Спомен-куќата на Мајка Тереза. Оваа институција ќе презентира 54 фотографии.
Изложбата ќе содржи и артефакти, лични предмети, реликвии и документи на Мајка Тереза, кои се дел од фундусот на „Центарот на Мајка Тереза“ во Рим и кои ја прикажуваат нејзината мисионерска работа. Комесар на изложбата е Андриана Јелиќ од Спомен-куќата на Мајка Тереза, а организатор и координатор е д-р Антонела Виали од Рим.
Оваа изложба е дел од Годишната програма на Министерството за култура, кое редовно ги поддржува проектите на Спомен-куќата на Мајка Тереза, и во Македонија и надвор од неа.
Во седиштето на Католичката црква, освен оваа изложба за нашата најпозната сограѓанка, ќе бидат презентирани и „Спомен-куќата на Мајка Тереза“, градот Скопје и Република Македонија. На отворањето на изложбата е потврдено присуство на многу значајни гости од Ватикан и почитувачи на делото на Мајка Тереза.
Изложбата „Мајка Тереза од Калкута, икона на милосрдието“ ќе биде отворена до 4 ноември годинава.