Ова е период од годината кога не само размислуваме за сите важни нешта кои ни се случиле во текот на годината што полека изминува, туку и си поставуваме нови цели за годината што претстои во поглед на професионалниот развој и кариерата. Сепак, во целиот тој процес важно е да не го занемариме здравјето. Во продолжение прочитајте ги нашите совети како да посветите повеќе внимание на себеси во годината што доаѓа.
Како да не го занемарите здравјето во новата година
1. Нови навики
Еден од најдобрите начини да останете здрави е да ги замените старите навики со нови. Одлучете се за поздрави опции. На пример, овошјето и зеленчукот можат да ви бидат замена за обработената закуска; наместо да патувате со автомобил можете да пешачите или да возите велосипед доколку се работи за кратко растојание.
2. Редовна рутина за спиење
Спиењето игра важна улога за одржување на имунитетот. Многу експерти сугерираат дека воспоставувањето редовна рутина за спиење ќе ви помогне да го подобрите квалитетот на сонот. Обидете се секоја вечер да заспивате во исто време и да се будите во исто време.
3. Вежби за умот
Да не заборавиме дека менталното здравје е исто толку важно како и физичкото. Еден од начините да го подобрите менталното здравје е преку зајакнувањето на функцијата на вашиот мозок. Тоа не значи дека секогаш мора да учите нови работи и да решавате крстозбори. Понекогаш доволно е да ги правите работите што ги сакате и да се забавувате.
4. Повеќе физичка активност
Обидете се да додадете повеќе активности во вашата секојдневна рутина оваа година. Изберете скали наместо да се качувате со лифт, пешачете наместо да се возите со автомобил… Постојат многубројни начини да бидете физички активни во текот на денот. Тоа ќе ви помогне да останете во форма, но и да го подобрите расположението.
5. Планирање однапред
Планирањето однапред е одличен совет за одржување на здравите навики. Кога купувате намирници, направете список и држете се до него за да не се најдете во ситуација да купувате непотребни работи. Доколку готвите, планирајте ги оброците однапред за цела недела за да знаете што ќе готвите секој ден. Доколку пак вежбате, планирајте ги однапред сесиите и запишете си ги во календарот што ќе ви послужи како потсетник за вашата фитнес рутина.
Откако ги прочитавте нашите навики за воспоставување здрави навики во новата година, можеби ќе сакате да прочитате и кои 7 работи морате да ги завршите на почетокот на новата година.