Со високите температури и зголемената влажност во воздухот, доаѓа до ширење на крвните садови, а со тоа се влошуваат симптомите на нискиот крвен притисок
Најчести симптоми кои се јавуваат се вртоглавица, замаглен вид, неправилна работа на срцето, зголемена жед, краток здив, студена и бледа кожа, па дури и несвестица.
Но во поголемиот број од случаите, нискиот притисок кој се јавува кај младите и здрави луѓе не е нешто што треба да загрижува, доколку истото не е последица на одредена болест или лек, па затоа најчесто е доволно само пациентот да се придржува до одредени мерки, вели д-р Тања Пекез, лекар по општа медицина.
Немојте да претерувате со кафето – бројните истражувања покажуваат дека кофеинот од кафето не влијае значително врз зголемувањето на крвниот притисок кога тој е низок. Кофеинот го поттикнува лачењето на течности од организмот, па затоа доведува и до контраефект.
Урамнотежете ги своите оброци – неправилниот внес на храна го забавува протокот на крвта, а со тоа Ве прави да се чувствувате уморни и немате енергија за нормално функционирање. Затоа, имајте неколку помали оброци во текот на денот.
Консумирајте повеќе супа и солена храна (но умерено!) за да ја поттикнете жедта– внесувајте повеќе течности и консумирајте овошје кое содржи многу вода, како што се лубеницата и дињата – тоа ќе ја регулира Вашата циркулација и ќе ги ублажи проблемите.
Зголемете го внесот на намирници кои се богати со витамин Б – докторите препорачуваат внес на зелен лисест зеленчук, портокал, банана, брокула, грав, сончоглед, цвекло, целер, компир и суво овошје.
Бидете поактивни – вежбањето може да Ви помогне да го регулирате крвниот притисок, но немојте да се форсирате, со цел да одбегнете спротивен ефект. Се препорачуваат вежби како брзо одење, лесно трчање, пливање и умерено возење на велосипед.