Кога среќата ќе ви се насмевне – Индиец ја доживеа приказната од филмот „Милионер од гетото“

Една година откако освои милион долари во индиската верзија на квизот „Кој сака да стане милионер“, Сушил Кумар, поранешен службеник во државната служба, доби прекар „Милионер од гетото“.

Неговата животна приказна донекаде се поклопува со приказната за јунакот од филмот на Дени Бојл кој освои Оскар, со таа разлика што оваа приказна е реална.

Една од првите негови инвестиции била генератор од 500 долари.

„Овде често немаме струја по четири часа дневно. Претходно не можев да гледам вести и мојата омилена програма, но сега тоа веќе не е проблем“ вели тој.

Пред своето учество во квизот, службеникот од Бихар, една од најсиромашните индиски држави, заработувал малку повеќе од 100 долари месечно, а откако одговори точно на 13 прашања, заработи толку пари, колку што би заработил ако ја работел својата досегашна работа за 800 години.

Втората негова инвестиција била мал таблет сметач, а минатата недела купил и мопед, иако има доволно пари да купи неколку најмодерни спортски автомобили. На прашањето зошто не троши повеќе, Кумар до едноставен одговор.

“Полека, полека, јас ги трошам парите внимателно“ вели Кумар.

Дури и облеката која ја носи не е нова. До сега од освоената сума потрошил 200.000 долари, а најмногу пари потрошил на парче земја покрај куќата, каде се веќе во тек работи за изградба на куќа со девет соби, за цело семејство.

„Секоја соба ќе има свој тоалет“ гордо вели Кумар.

Во градот Мотихариј, каде живее Кумар, семејството, кое го сочинуваат неговата сопруга, неговите родители, четирите браќа, четири снаи и едно дете, вкупно 11 лица, досега живееше во четирисобен стан.

„Бидејќи живееме во мал град, нашите економски проблеми се сто отсто решени“ вели тој и објаснува дека претходно можеле да си дозволат само пола литро млеко дневно, а сега можат да купат дури и три литри.

„Ова е право чудо, божји благослов“ вели тој.

Со парите ги отплатил долговите на браќата, и купил малку накит на својата сопруга, а остатокот го оставил во банка.

Добивката му овозможи да ја напушти работата, а новостекнатото слободно време го користи за да ги гледа своите омилени документарни емисии и да чита книги.

„Би сакал да предавам психологија еден ден. И би сакал да имам сопствена библиотека“ вели тој.

Сушил и неговата сопруга се венчале неколку месеци пред учеството во квизот, а сега го чекаат првото дете. Сима не може да го сокрие задоволството.

„Сега нашите деца ќе израснат во пристојни услови и ќе можат да стекнат одлично образование“ вели Сима.

Макфакс

Погледнете ги следниве статии

Кои се најнесреќните жени на светот?

Колекционер на 7.000 коски од животни

Европски куќи со прекрасен ентериер и екстериер

Пронајдете не на следниве мрежи: