Тешко е да се замисли храна без сол, но луѓето не секогаш ги посолувале месото и зеленчукот. Номадите кои шетале со стада овци, јаделе месо и пиеле млеко, но немале потреба од сол.
Солта станала неопходна само со доаѓањето на земјоделството – затоа што лебот бара сол. Покрај тоа, солта се користела и за зачувување на храната. Денеска само мал дел од произведената сол се користи во храната, а најголем дел се троши во хемиската индустрија.
Зависници од сол
Кога јадеме многу солена храна, солта буквално го менува нашето чувство за вкус – големите количини на сол го отапува рецепторот за вкус, што ја прави повеќето храна блуткава. Затоа сè повеќе и повеќе додаваме сол.
Масовен протест
Поради високата цена на солта која Британците ја монополизирале и ја оптовариле со даноци, Ганди учествувал на познатиот марш во 1930 година со околу 70 други индиски сонародници. Имено, сиромашните Индијци не можеле да си дозволат да купат сол. Маршот траел 24 дена на пат долг околу 390 километри. Попатно многу луѓе му се придружиле на Ганди, а британските власти го прекинале маршот со масовни апсења.
Смртоносна доза
Консумирањето сол во прекумерна количина е штетно, а во поголеми количини може да биде фатално. Оние кои имаат проблеми со болести на срцето, бубрезите или црниот дроб треба да ја намалат солта во исхраната, а редовното внесување прекумерни количини сол може да биде штетно за здравјето.
Цветна сол
Цветната сол е висококвалитетна и вкусна сол бидејќи нејзините кристали или цветовите се собираат од површината на морето, а не со вообичаениот начин на вадење на солта. Цветната сол содржи висок процент на влага, бидејќи во спротивно уникатната кристална структура што ја прави толку посебна ќе се распадне.
Најскапата сол
Аметист бамбус е најскапата сол на светот – за пакување од 240 грама треба да потрошите повеќе од 90 евра. Направена е според оригинална метода која вклучува складирање на сол во дебели стебла од бамбус и согорување на висока температура. Солта се согорува неколку пати за да се прочисти од нечистотии, но и да се зголеми количината на минерали.
Легенди и преданија
Народните приказни велат дека истурената сол носи лоша среќа. Според христијанската традиција, Јуда наводно истурил сол на последната вечера, непосредно пред да го предаде Исус. Но, со оглед на тоа дека солта некогаш била многу скапа, луѓето се грижеле за секое зрно сол. Во древните јапонски театри, пак, пред секоја изведба се посипувало сол на сцената за да се спречат злите духови да ги маѓепсаат актерите, а солта, како што е споменато во народните приказни, исто така била омилена состојка за правење магии.