Ја зголемил платата на вработените по победата на Обама

Американскиот милијардер и поддржувач на Мит Ромни, Дејвид Сигл, неодамна ги предупредил своите 7.000 вработени, дека ако гласаат за Барак Обама на претседателските избори ќе добијат отказ.

Но, откако Обама е реизбран за претседател на САД, Сигл се предомислил, па место отказ, на работниците им дал зголемување на платата.
„Ќе работам најдобро што можам за да ја одржам својата компанија и да го проширам производството“, вели Сигл по изборите во САД.
Милијардерот од Флорида, наречен и Кралот на Версај, вели дека ќе види што носи иднината, но во меѓувреме одлучил на своите вработени да им ја зголеми платата за пет отсто.
„Сакав да им помогнам да се носат со товарот што оваа влада ќе им го натовари“, објаснува Сигл за Huffington Post.
Иако на своите вработени им пратил меил во кој ги предупредува дека ако гласаат за Обама ќе добијат отказ, и понатаму тврди дека на никаков начин не влијаел на нивното политичко определување.
„Само им посакав среќа. Не ги поттикнував, ниту ги обесхрабрував. Тие кои ми веруваа знаеја што треба да направат“, вели Сигл.

Богатиот претприемач на своите вработени во мејлот им напиша дека состојбата во економијата не претставува опасност за работните места, но дека уште четири години со администрацијата на Обама и тоа како може да бидат загрозени.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: