Единици на интервентната полиција на Полска со гумени куршуми во неделата растерала група десничарски екстремисти која ја нападнала полицијата со петарди и камења на парадата по повод националниот празник во главниот град Варшава.
Според податоците што полските медиуми ги објавија во неделата навечер повикувајќи се на соопштение на полицијата, 132 лица се приведени по безредијата во центарот на Варшава. Пет полицајци се повредени и пренесени во болниците.
Ова е втора година по ред кога на парадата по повод Денот на независноста на Полска доаѓа до судири меѓу екстремистите и полицијата, што според ликалните аналитичари ги покажува сѐ подлабоките разлики меѓу либералната влада и националистите коишто сметаат дека таквите вредности увезени од Европа ги разоруваа традиционалните полски католички вредности.
Имајќи го искуството од минатата година, денот на прославата започна со распоредување на илјадници полицајци по должината на улиците за да се спречи ерупција на насилство меѓу десничарите левите радикали и приврзаниците на владата, трите групации коишто секоја за себе организираше своја парада, претставувајќи ги своите ставови за тоа како треба да изгледа Полска.
Судирот меѓу полицијата и десничарите се случил кај Палатата на културата и науките, облакодер од советскиот период во неоготички стил во самиот центар на Варшава. Судирот траел повеќе од еден час.
Полскиот претседател Бронислав Коморовски во својот говор на централната прослава во Варшава повика на помалку поларизирање во полското општество. „Денешниот јавен живот е затруен со длабоки спротиставености. Мораме да бидеме критични, но критиката не смее да доведе до меѓусебно уништување“, рече претседателот на Полска.
Полска го прославува националниот Ден на независноста на 11-ти ноември, на денот на завршувањето на Првата светска војна во 1918 година, која Полска повторно стекнала самостојност откако 123 години била поделена меѓу Прусија, Австрија и Русија.
Преземено од Макфакс (https://www.makfax.com.mk/)
Пронајдете не на следниве мрежи: