Никој не е задоволен од составот на Б групата за ЕП во кошарка

Македонската кошаркарска репрезентација, во неделата, ги дозна противниците, против кои ќе игра во прелиминарната фаза на Евробаскетот.

Македонија во Б групата, чии домаќин ќе биде Јесенице, пласман во осминафиналната група ќе се обиде да избори во конкуренција на Литванија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Латвија и Србија.
Генерално, откако беше составена Б групата, никој не изрази претерано задоволство, сите се согласни дека групата е тешка и дека секој натпревар ќе биде од исклучително значење за освојување на едно од првите три места кои гарантираат пласман понатаму.
„Добивме група во која нема слаба репрезентација. Мислам дека секој секого може да победи и ниту еден тим не може да смета на сигурни бодови против ниту еден противник. За нас е најважно ние да бидеме здрави, комплетни и добро подготвени. Периодов сме фокусирани токму на тоа, да организираме што е можно подобри подготовки во пресрет на Евробаскетот“, изјави за интернет страницата на Македонската кошаркарска федерација, генералниот секретар Дејан Лекиќ.
Неговиот колега од Босна и Херцеговина, Харун Махмутовиќ, верува дека репрезентацијата може да се пласира во вториот круг. Како фаворити тој ги издвои селекциите на Литванија и Србија.
„Иако оваа група е тешка, Босна и Херцеговина ќе игра во втората фаза. Фаворити во групата се Литванија и Србија, а сите останати ќе се борат за третото место“, рече Махмутовиќ.
Српскиот селектор Душан Ивковиќ, чија репрезентација во последен момент избори пласман на Евробаскетот, смета дека групите се изедначени, но дека составот на групите во прелиминарната фаза не е толку важен.
„За нас е најважно да бидеме максимално подготвени за првиот натпревар со Литванија, потоа од натпревар во натпревар полека ќе се пробиваме кон вториот круг“, изјави Ивковиќ.
„Гледајќи го составот во А групата, со која ќе вкрсти нашата група, мислам дека во втората фаза би можеле сериозно да конкурираме за пласман меѓу првите четири репрезентации кои ќе одат во четвртфиналето. Многу е важно тимот да се подготви за четвртфиналето, евентуален успех на тој меч ќе не однесе директно на Светското првенство во 2014 година“, дополни Ивковиќ.
Црногорскиот селектор, Лука Павиќевиќ, смета дека голем хендикеп за Б групата е што од последниот ’шешир’ е извлечена Србија.
„Голем хендикеп е што од последниот ’шешир’ ја добивме Србија, очекувавме послаба селекција. Србија и Литванија се издвојуваат со квалитетот и тоа значително во однос на останатите репрезентации од групата. Овие две селекции се фаворити за првите две места, останатите четири репрезентации ’крваво’ ќе се борат за третото место“, изјави Павиќевиќ за интернет страницата на Кошаркарскиот сојуз на Црна Гора, додавајќи дека за неговата репрезентација најважни ќе бидат првите три средби, против Македонија, Латвија и БиХ.
Премногу задоволство од составот на Б групата не покажа ниту Арвидас Сабонис, кој ја обавува функцијата претседател на Кошаркарскиот сојуз на Литванија. Легендарниот центар не е задоволен што во групата има четири репрезентации кои доаѓаат од Балканот, но е свесен дека во кошарката нема лесни противници.
„Групата е посилна од она што го посакувавме, сите во нашата група, со оглед на близината на  Словенија ќе имаат голема поддршка од своите навивачи. Ќе биде тешко за нас да се игра во ваква Балканска група“, рече Сабонис.
Европското првенство во Словенија ќе се одржи од 4 до 22. септември 2013 година, македонската репрезентација на Евробаскетот ќе го брани четвртото место освоено на континенталното првенство во 2011 година.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: