Започна Виенската недела на уметноста

Виенската седмица на уметноста 2012-та (Vienna Art Week) на која до 25-ти ноември ќе учествуваат неколку стотици австриски и странски уметници, кустоси, директори на музеи, колекционери од целиот свет ќе содржи околу 200 настани, соопштија во понеделникот организаторите.

На традиционалната Виенска уметничка недела годинава ќе бидат отворени многу изложби, ќе се одржат филмски вечери, организирани посети на музеите во австриската престолнина, дебати, наддавања, студиски посети на галерии и приватни ателјеа.
Од понеделник над 40 музеи, 50-ина галерии и околу стотина уметнички ателјеа и студија се отворени за посетителите, соопшти уметничкиот директор на Vienna Art Week, Роберт Пункенхофер. Според него, годинешната програма нуди комплексен однос меѓу стварноста, минатото и иднината.
Во најголемата австриска аукциска куќа Dorotheum од понеделникот започна седницата на наддавања на кои ќе бидат понудени дела од класичната, модерната и современата уметност, сребро, југенстил и дизајн. Само на првиот ден од манифестацијата ќе се одржат десет настани, од кои шест се изложби, меѓу кои и отворањето на групната меѓународна изложба под наслов „Predicting Memories“, со поднаслов сеќавање во знакот на новите, минатите и идните слики, на која се изложуваат дела од триесетина австриски и странски уметници.
Во текот на манифестацијата е предвидено да се одржат и повеќе симпозиуми и тркалезни маси и дебати на темите „Уметникот како колекционер“, „Дали колекционерството е инспирација, културен, политички перформанс или добро вложени пари“ или, на пример, „Њујорк – главен град на уметноста“, „Убавиот изглед и вредностите во времиња на економската несигурност“итн.
Во Музејот на Фројд е најавена расправаа на темата „Тело и уметност, имиџ на хистеријата во XXI век“.
На програмата се и многу изложби на фотографии. Новина во програмата на Viena Art Week се отворените денови на ателјеата под наслов „Фасцинацијата на уметничките ателјеа“, што овозможува првпат да се има увид во современата уметничка продукција и посета на стотина уметнички ателјеа во Виена.
Минатата година Виенската недела на уметноста привлече 36 илјади посетители, а организаторите очекуваат дека годинава оваа бројка ќе биде поголема бедејќи главната цел е на публиката да и’ се приближат австриската и меѓународната уметничка сцена
Манифестацијата Viena Art Week се одржува осми пат по ред,по иницијатива на најголемата австриска аукциска куќа Dorotheum а е конципирана од Art Cluster Vienna. Според процените на организаторите, манифестацијата станала главен двигател на уметничката Виена, при што се истакнува дека е тешко да се замисли виенскиот културен календар без оваа седмица.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: