И Лештар и неговите вработени во Seavus, сега повеќе од 500, се поискусни за една криза, за еден голем предизвик којшто успеаја да го пребродат, а со првиот човек на компанијата разговаравме како го прават тоа.
Кога некаде на почетокот од 2007 година го правевме првото големо интервју со Игор Лештар за „Капитал“, основач и главен извршен директор на групацијата Seavus, рече дека компанијата расте толку брзо што понекогаш се чувствува како да е седнат во некое „ферари“ и јури со брзина од 200 км/час по кривините накај Охрид. Seavus имаше можеби најимпресивен раст од сите македонски компании, зголемувајќи ги секоја година бројот на вработените и приходите со двоцифрени стапки. Во меѓувреме, светот се преврте наопаку на економски план, кризата затвори или кутна на плеќи милиони бизниси, а Seavus продолжи да расте. Лештар сега е за пет и кусур години постар, „ферарито“ најверојатно, стана „бентли“, кое се уште може да постигнува вртоглави брзини, но одмереноста, софистицираноста и сигурноста се многу побитни сега. И Лештар и неговите вработени во Seavus, сега повеќе од 500, се поискусни за една криза, за еден голем предизвик којшто успеаја да го пребродат, а со првиот човек на компанијата разговаравме како го прават тоа.
Како се движеше растот и развојот на Seavus од 2008 година наваму, откако почна да се распламтува светската економска криза, на која уште не може да и го видиме крајот?
Светската економска криза силно погоди компании, па дури и цели индустрии кои не успеаја да се адаптираат доволно брзо. Seavus успева да го зачува својот фокус и соработка во домени и со клиенти кои продолжуваат со својот постојан развој. Во просек, изминативе години имаме пораст на приходите од над 30%, и тоа секоја година во однос на претходната. Успеавме значително да ја консолидираме интерната организација, да овозможиме поголема профитабилност, а 2013 година ќе ја дочекаме со повеќе од 500 вработени и екосистем од над 100 интернационални консултанти кои работат на наши проекти.
Со оглед на фактот дека ваши клучни клиенти се компании од листата Форчн 500 (Fortune 500), колку кризата го погоди нивното работење, следствено на тоа и нарачките што ги имаа од Seavus?
Како што веќе претходно споменав, Seavus е компанија која што умее брзо да се прилагоди и да биде цврста, способна да излезе во пресрет на пазарните барања. Веќе го имаме потребното искуство за да ги предвидиме возможните флуктуации на пазарот. Компаниите кои ги поседуваат овие карактеристики се токму оние кои ги издржаа најтешките моменти на кризата и продолжуваат да се развиваат.
Кои индустриски сектори најмногу ги скратија трошоците за ИТ-технологија, а со тоа и нарачките од вас, а каде пак, имаше стабилна побарувачка и пораст?
Можеби изгледа парадоксално, меѓутоа најпогодените кои имаа потреба од кратење на секаков вид трошоци, како на пример, финансиските институции, мораа да дадат поголем обем на работа на надворешни технолошки компании, а да го намалат сопствениот број на вработени за да покажат подобри бизнис-параметри. Нашето искуство пак, по географии покажа дека економијата во скандинавските земји и во земјите од германското говорно подрачје, независно од доменот, покажаа извонредна виталност и дури ги зголемуваат своите инвестиции во ИТ, свесни дека така ќе бидат уште поконкурентни и поиздржливи во иднина.
Објаснете го процесот на приближување кон клиентите од рангот на најголемите светски корпорации: како се комуницира и се преговара со нив, како се одржува грижата за клиентот?
Seavus веќе 12 години работи со клиенти од западниот свет. Во најголема мера, ова се должи на нашето постојано присуство. Со самото тоа, нашата грижа за клиентот е на прво место, таква е нашата философија. Инвестираме секоја година околу 30% од приходите во продажба и во маркетинг. На овој начин, ние можеме да го понудиме она што го бараат големите компании. Поведението кое соодветствува на нашите вредности создава доверба кај клиентот, а нас нe прави посмели.
Кои се најновите вести поврзани со експанзијата на Seavus? Имате ли отворено некое ново претставништво во светот?
Отворањето канцеларии надвор од Македонија е условено од обемот на работа и клиенти од соодветната земја. Досега отворивме канцеларии во Србија, Белорусија, Шведска и во САД. Најнова вест е дека неодамна отворивме канцеларија во Белград, каде што ќе работат 30 инженери, што значи дека Seavus во Србија, севкупно со Ниш, ќе има 100 вработени во 2013 година. Следно во план е отворање канцеларија во Швајцарија, каде што имаме сериозни клиенти и има потреба од локално присуство. Воедно, ги разгледуваме можноста и потребата во 2013 година да се отвори претставништво и во Германија.
Дали услугите или софтверските производи се генератори на најголеми дел од профитот на Seavus? Објаснете ни накратко кои се носечките производи и услуги на компанијата?
Продукт-матрицата на Seavus е структурирана на база на меѓусебна комплементарност на услугите и на производите што ги нудиме, па оттука, не може да се мери јасно индивидуално придонесот кон оперативниот резултат. Групацијата Seavus годишно вложува 15% од приходот во истражување и тестирање нови производи, што јасно укажува на нашата стратешка определба. Во моментов, носечки производи ни се решенија и услуги за поддршка на банки, телеком-компании како и високотехнолошки компании.
Можеби е време да демистифицираме една ситуација во Македонија: имаме или немаме доволно кадри за работа во ИКТ-индустријата? Ако немаме доволно, што ни недостига: број на луѓе или квалитетот што го поседуваат?
Нема простор за демистификација на нешто што е факт. ИТ-индустријата во светски, а со тоа и во локални рамки, бележи прогресивен раст последниве 10 години, кој пак, е следен од дефицит на висококвалификувани ИТ-кадри.Бидејќи побарувачката за ИТ-професионалци се интензивира на глобално ниво, пазарот се стеснува и станува сe понестабилен. Важен фактор на пазарот се и спецификите на поведението на генерацијата Y – висока мобилност, различна мотивација и однос кон лојалноста. Според мене, ограничувањата на ИТ-пазарот сe помалку се должат на недостиг од бројот на постоечките ИТ-професионалци, а сe повеќе на недостигот од потребните вештини за тековните ИТ-тенденции.
Со оглед дека ИКТ-секторот е идентификуван како еден од носечките во националната стратегија за извоз, како според вас, можеме да станеме поконкурентни на глобално ниво во овој индустриски сектор? Што треба да сториме како држава, компании и поединци за Македонија да биде препознаена како земја на информатичари, т.е. да добиеме повеќе „Сеавуси“ на ова тло?
Државата веќе работи на создавање сe подобри услови за квалитетно и модерно образование. Но, ова не ја исклучува, туку, напротив, ја прави уште поважна улогата на претприемачите, на модерниот бизнис. Суштината е дека ИТ-кадрите треба да ги создаваме преку напредно високо образование, преку специјализации во практиката, а особено преку неформалното образование. Seavus на ова поле веќе започна и заедничка соработка со дел од техничките факултети. Една од целите на оваа соработка е и подобрување на квалитетот на образовните програми. Тука би ја истакнал и сериозната инвестиција во отворањето на посебениот центар за обука СЕДЦ (Seavus едукативен и развоен центар)
Каде, според вас, македонскиот ИКТ-сектор има најголема шанса за пробив на светскиот пазар: аутсорсинг, мобилни апликации, оригинални софтвери…?
Секој од наброените сегменти е добар, само е потребен фокус, а не дисперзија. Можностите се неограничени, ИКТ-индустријата е опсежна. Како мала држава, ќе сме добри во што и да се определиме, но само со стратешки фокус.
Водите компанија од 500 вработени, па по 13 години со Seavus, кој е најтешкиот дел од работата што ја извршувате: стратешкото лидерство, организацијата, мотивацијата…?
Seavus за мене не е само компанија, туку е и дел од мојот живот. Секоја фаза од развојот носела тешкотии и предизвици, кои најчесто биле врзани за искуството. Дури и од сегашна перспектива, можам да кажам дека сe уште имаме многу за учење. Најголемиот предизвик во развојниот процес кој изминал и оној што следува е пренесување на нашата доктрина и култура на следни генерации.
Кои се плановите за понатамошен развој на компанијата?
Каква 2013 година прогнозирате?
Јас очекувам успешна 2013 година, во којашто Seavus ќе продолжи да концентрира технолошко знаење и да биде лидер, ќе настапиме уште посамоуверено на глобалниот пазар. Моите амбиции и критериуми за успешност претрпеа промени последниве години: успехот го мериме преку параметри за квалитет, а не квантитет, преку зголемена експертиза и знаење за специфичната дејност и стратешки индустрии каде што пенетрираме. Со овие промени веќе си трасиравме пат кон нова определба, а тоа е отворање нови приходни линии и дефинирање нови бизнис-можности.
Преземено од Капитал.мк
Пронајдете не на следниве мрежи: