Ескалацијата на напнатоста на Блискиот исток ја крева цената на нафтата

Цената на нафтата порасна во средата на светските берзи, откако експлозија во автобус во Тел Авив ја зголеми загриженоста дека судирот помеѓу Израел и Газа би можел да се прошири на целиот регион и да го наруши снабдувањето со нафта.

На лондонската берза цената на нафтата денеска поскапе за 1,07 долари, на 110,9 долари, а на американската берза се тргуваше по 71 центи повисока цена, од 87,46 долари.
Во експлозија на бомба во  автобус во центарот на Тел Авив, која што властите ја прогласија за терористички напад, беа ранети најмалку 10 лица.
Тоа ги пригуши надежите дека завојуваните страни во наредните денови со посредување би можеле да постигнат договор за примирје.
На блискоисточниот геополитички ризик се надоврза и вчерашната американска блокада на соопштението на Советот за безбедност на ОН со кој се осудува ескалацијата на судирите помеѓу Израелците и Палестинците во појасот Газа.
„Било каков напредок за прекин на оганот би можел да доведе до значителен пад на цената на нафтата“, тврди Торбјорн Бак Јенсен од дански A/S Global Risk Management.
Израел и Египет не се големи производители на нафта, но се стравува дека нивниот евентуален судир би можел да се прошири и на арапските соседи, кои се главни произведувачи на светската нафта.
Поголем раст на цените денеска беше ограничен бидејќи министрите за финансии на еврозоната на синоќешниот состанок во Брисел не постигнаа договор за наредната транша кредит за Грција.
Загриженоста за американската економија исто така делува врз цената на нафтата, откако претседателот на американската централна банка Берн Бернанке предупреди дека неуспехот во решавањето на буџетската криза би можел да доведе до рецесија во најголемиот светски потрошувач на нафта.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: