Словенечката полиција разби две групи на организирана проституција

Словенечката полиција соопшти во четврток дека кон крајот на минатата недела разоткриени се две криминални групи кои воделе девојки од странство ветувајќи им работа во кафуле, а потоа ги принудувале на проституција.

Повеќемесечната акција на следење на групите завршила во саботата, кога 180 полицајци и криминалисти на подрачјето на Нова Горица, Љубљана и Ново Место извршиле 16 претреси на куќи.
„Уапсени се повеќе осомничени, кои се товарат за трговија со луѓе“, рече во четврток Бранко Јапељ, шеф на криминалистичката служба на љубљанската полиција.
Казнено се пријавени петмина словенечки државјани, додека на четворица им е одреден домашен притвор.
Полицијата во акцијата затекнала 72 девојки од 17 европски и други држави, од Домениканската Република, Украина, Словачка, Колумбија, Молдавија, Бразил, Хрватска, Белорусија, Бугарија, Македонија, Чешка, Унгарија, Русија, Романија и Италија.
Сексуалните услуги макроата ги наплаќале од 100 до 150 евра, строго внимавајќи формално да не го прекршат договорот за вработување, за што меѓусебно се договарале. Така провизорно на девојките им биле уплаќани плати на нивните сметки, но тие подигнатата готовина веднаш морале да им ја вратат.
Полицијата смета дека организаторите преку проституција заработиле до 100 илјади евра.
Полициските службеници сметаат дека повеќето девојки одбиваат да признаат дека биле присилувани на проституција, плашејќи се дека ќе останат без средства за егзистенција.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: