Каталонските регионални избори во знакот на отцепување

Loading...

Каталонците во недела ќе излезат на покраинските избори на коишто се очекува победа на поборниците за независност на оваа шпанска покраина.

Според поддржувачите на идејата за самостојност на Каталонија, независноста на оваа богата но истовремено западната во финансиски тешкотии шпанска покраина, ќе и’ остави повеќе пари во буџетот, отколку што сега и’ упатува на централната влада во Мадрид којашто жестоко се спротиставува на идејата за отцепување.
Според актуелниот покраински претседател Артур Мас, за Каталонија ќе биде најсоодветно да го има статусот како членка на Европската унија. Каталонија, на тој начин, се обидува да се здобие со статусот на европска нација со истите овластувања како што се предвидени за, на пример, Данска, Словенија, Финска, Естонија, Литванија и Латвија.
Во моментов Каталонија е најзадолжената од 17-те шпански автономни региони со долг од речиси 44 милијарди евра, или 22 отсто од нејзиниот бруто домашен производ (БДП).
Каталонија е првиот економски извозник во Шпанија со 28 отсто од шпанскиот извоз, „доколку Каталонија е држава, би биле меѓу првите 50 земји извозници на светот”, истакнува во своите истапувања каталонскиот премиер Мас.
Каталонија, чијашто економија е поголема од, на пример, на Португалија, во шпанскиот бруто домашен производ (БДП) учествува со 20 отсто. Мас смета дека регионот ѝ дава на Шпанија многу повеќе отколку што добива. Според сегашниот систем, Каталонија и’ уплатува на Шпанија 16 милијарди евра повеќе данок отколку што прима назад.
Заканите со отцепување на севеористочната шпанска покраина со 7,5 милионско население, претставува голем предизвик и проблем за шпанскиот премиер Мариано Рахој кој во вторникот наврши една година на чело на својата конзервативна влада. Изминатите 12 месеци тој се бореше да ја задржи земјата во еврозоната и да не побара меѓународни заеми што би претпоставувале уште пожестоки мерки за штедење од оние што веќе ги наметна неговиот кабинет.
Анкетите предвидуваат дека на изборите за регионалниот парламент во Барселона повторно ќе победи Артуро мас, 56-годишниот економист.
„Се надевам дека последниот претседател на Каталонија којашто шпанската држава се обидува да го уништи со валкана кампања“, изјави на предизборен собир Артуро Мас, лидер на конзервативната партија CiU (Конвергенција и унија) и најави дека „идниот претседател нема да зависи од шпанската држава“.
Се претпоставува дека неговата партија CiU ќе освои 62 од 135 места во покраинскиот парламент на Каталонија и со другите партии коишто се застапуваат за независност ќе формира двотретинско мнозинство.
Каталонците беа разбеснети од изјавата на шпанскиот премиер Мариано Рахој кој годинава одби да преговара за новиот даночен систем со кој Каталонија би за задржувала повеќе пари. На Националниот ден на Каталонија, на 11-ти септември стотици илјади луѓе го поттикнаа Артуро Мас да се откаже од барањето за проширување на Автономијата низ преговори и да се сврти кон самостојност. Тој вети дека ќе распише референдум за самостојност на Каталонија во рок од четири години.
Како и другата шпанска покраина Баскија, Каталонија чиешто население има засебен јазик и култура од остатокот од Шпанија, во чијшто вкупен бруто домашен производ (БДП) учества со една петина. Меѓутоа јакнењето на рецесијата во Шпанија, и невработеноста од 25 отсто и драстичните мерки за штедење, во Каталонија ги засили тенденциите за самостојност.
Како и Шкотска во Велика Британија, Фландрија во Белгија или Паданија во Италија, и Каталонија верува дека подобро ќе живее како самостојна држава којашто не мора да ги финансира посиромашните региони.
Меѓутоа и Каталонија премногу трошеше во децении од градежниот бум кој траеше до 2007 година кога градежниот балон се издува, и повеќе не може да се задолжува на пазарите, бидејќи нејзиниот кредитен рејтинг е оценет како „ѓубре“. Поради тоа Каталонија мораше да побара пет милијарди евра од Шпанија за да ги плати доспеаните долгови.
Каталонците за проблемите ја обвинуваат владата во Мадрид, а не своите лидер. Според анкетите, меѓу 46 и 57 отсто од избирачите сакаат независност и се очекува дека Мадрид ќе мора да ја почитува нивната одлука за самоопределување. Меѓутоа, Мадрид предупредува дека каталонскиот пат до независност не води никаде и дека во тој случај Барселона би морала да аплицира за прием во Европската унија. Економистите тврдат дека брзото одвојување од Шпанија ќе придонесе за голема економска штета.

Макфакс

loading...
Loading...