Бомба поставена крај пат експлодирала во моментот кога минувале поворка на шиитски аџии при што загинале најмалку седум луѓе а повеќе десетини се ранети во саботата во северозападен Пакистан.
Нападот се случил во областа Дера Исмаил Кан, во покраинта Хајбер Пахтунхва, во близина на нестабилната покраина Вазиристан, паштунско племенско подрачје коешто се смета за силно упориште на пакистанските талибани и групите поврзани со глобалната терористичка мрежа Ал Каеда.
„Седум луѓе загинаа, меѓу кои се и четири деца, а триесетина се ранети. Експлозијата била силна и се слушнала на километри оддалеченост“, изјави Азиз Балуш, лекар од болницата во округот, пренесува AFP.
Засега ниедна групација не ја преземала одговорноста за нападот.
Во двата напада врз шиитското малцинство во Пакистан што се случија претходно оваа седмица во градовите Караи и Равалпинди, за коишто одговорноста ја презема Движењето на пакистанските талибани (Терик-е-Талибан Пакистан – ТТП) убиени беа повеќе од 25 луѓе.
ТТP основана 2007 година редовно врши напади врз пакистанските сили за безбедност и шиитското малцинство коешто сочинува 20 отсто од населението во оваа муслиманска земја со 180 милионско население.
Последните неколку месеци ескалираше насилството против шиитските муслимани во Пакистан. Од почетокот на 2012 година во различни делови на земјата убиени се стотици шиити.
Пакистанските талибани поврзани со глобалната терористичка мрежа Ал Каеда неколку години наназад започнаа кампања против шиитските муслимани во земјата. Според локални избори, во нападите на терористичките групи досега се убиени илјадници шиити. Шиитските верски лидери ја повикаа пакистанската влада да формира комисија која ќе го истражува ова крвопролевање, но и покрај загриженоста, ретко се случува да бидат фатени или казнети оние кои стојат зад ваквите напади.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: