Последната нинџа во светот: Ја гаснам лозата затоа што ова не е наше време

Иако времето на шогуните и самураите одамна помина во Јапонија, од реставрацијата на Меиџи на крајот на 19-тиот век, во земјата каде изгрева сонцето и понатаму живеат две нинџи. Се чини дека тие сепак ќе бидат последни, затоа што одлучиле да не го пренесат своето знаење на синовите. 

Нинџите, смртоносни мајстори на борбата облечени во црно – кои шогуните од кланот Токугава ги користеле за атентати и за собирање на податоци за непријателите на режимот бакуфу – го пронашле своето место во современата култура: филмови, стрипови, романи итн. Иако сеуште постојат школи во кои се учат вештините на нинџите, суштината на нивното постоење одамна е исчезната. 

Јиничи Каваками од семејството Бан, последниот водич на кланот Кока, вели дека 21-виот век не е време за нинџите. Одлуката својата вештина да не ја пренесе на своите синови веќе е донесена. 

“Кога овде беснееа граѓански војни, вештините на нинџите, нивната способност за шпиунирање или убивање, беа од непроценлива вредност. Сега имаме огнено оружје, интернет и лекови. Вештината на нинџите го загуби своето место во светот. Јас и понатаму ќе држам предавања за историјата на нинџите на универзитетот, а моите ученици ќе продолжат да вежбаат некои техники кои ги користеле нинџите. Меѓутоа, за кланот да продолжи да постои, судбината треба да одреди една личност која ќе го води.” – вели 63-годишниот Каваками за BBC. Според податоците на нинџа-музеите, тој е последниот вистински нинџа-мајстор во Јапонија. 

Истата одлука ја донел и 80-годишниот Масаки Хацуми, кој го одржува Тогакуре кланот во живот, но тој се посветил на малку поинакви нешта. 

Хацуми е основач на меѓународната организација Буџинкан, во која повеќе од 300.000 луѓе низ светот се се обучуваат во боречки вештини. 

“Тренираат војници, полицајци, професионалци од целиот свет.” – вели тој, но објаснува дека на луѓето кои го посетуваат неговото училиште во центарот на вниманието им е системот на борба, додека вистинското наследство на нинџите е останато во дамнешното минато. 

Каваками, кој започнал да тренира на 6 години, мислејќи дека станува збор за уште една игра, се смее кога ќе му се спомне сликата која западот ја има оформено за нинџите. 

“Сето тоа што го гледате на филмовите е невозможно. Колку и да тренира, нинџата секогаш останува само човек. Инаку, нинџите не биле само убијци, како што се мисли сега. Многумина од нив имале и секојдневни работи. Тешко е да заработите како нинџа.” – вели Каваками. 

 

Пронајдете не на следниве мрежи: