Ѓилас лидер на ДС, Тадиќ почесен претседател

Белградскиот градоначалник Драган Ѓилас во неделата е избран за претседател на Демократската партија (ДС), на местото од досегашниот лидер и поранешен претседател на Србија, Борис Тадиќ кого вонредниот конгрес на партијата го избра за нејзин почесен претседател.

Борис Тадиќ е избран за почесен претседател на опозициската Демократска партија, токму по предлог на новиот лидер Драган Ѓилас.
Со изборното собрание се завршува тивката војна во ДС во која по изборните порази се издвоија две струи кои застанаа зад Тадиќ и зад Ѓилас, но првиот неодамна реши да се повлече од битката за лидер на партијата, па така единствен против кандидат на Ѓилас стана помалку познатиот за пошироката јавност инаку долгогодишен член на партијата Бранимир Кузмановиќ.
Ѓилас веднаш по изборот најави дека партијата „во следните два месеца ќе подготви национален план за излез од кризата“, кој ќе биде основа за идното делување на ДС на српската политичка сцена.
Истовремено ги повика пратениците на партијата кои беа министри во минатата влада да ги вратат пратеничките мандати, неименувајќи ги притоа.
„Сите министри кои беа во владата којашто не доби преодна оцена, мораат да размислат дали треба и натаму да седат во парламентот и да ја претставуваат ДС, и без оглед на тоа што некои од нив добро ја работеа својата работа и што сум сигурен дека некои од нив ДС повторни ќе ги кандидира за најважните функции“, истакна Ѓилас.
Опозициската коалиција што ја предводи ДС има 67 од 250-те пратенички мандати во српскиот парламент, а меѓу пратениците се поранешниот премиер Мирко Цветковиќ, министерот за евроинтеграции Божидар Ѓелиж, поранешниот шеф на српската дипломатија и актуелен претседател на Генералното собрание на Обединетите нации, Вук Јеремиќ, министерката за правосудство Снежана Маловиќ, екс министерот за одбрана Драган Шутановац и министрите за земјоделие и за екологија, Душан Петровиќ односно Оливер Дулиќ, против кого во меѓувреме е покренато обвинение за злоупотреба и корупција.
Драган Ѓилас е четвртиот претседател на ДС од 1990 година. Пред него тоа беа Драгоуб Миќуновиќ (1990/1994), Зоран Ѓинѓиќ (1994/2003) и Борис Тадиќ (2004/2012).
Четириесет ипетгодишниот Драган Ѓилас е актуелен градоначалник на српската престолнина Белград, во втор мандат. Дипломирал авијатика на Машинскиот факултет во Белград, работел како новинар на популарното белградскио Радио Индекс и е еден од основачите на Радио Б92, во кој подоцна бил уредник на информативната програма. Сосопственик е на фирмата „Мултиком“ една од водечките компании во областа на медиумското работење на територијата на поранешна СФРЈ.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: