Во Германија, земјата на Реформацијата, католиците и протестантите споделувале длабоко непријателство до пред неколку децении. Поделбите биле запечатени со вековни верски војни.
Почетокот се смета за 31 октомври 1517 година, кога Лутер, професор по морална теологија во Витенберг, му ги испратил на архиепископот од Мајнц познатите 95 тези. Тоа пред сè биле предлози за дискусија кои довеле до создавање на Евангелистичката црква во Германија.
Денес, тензиите меѓу двете деноминации исчезнале од германското секојдневие. Така, 500-годишнината од Реформацијата беше одбележана во 2017 година заедно со Католичката црква.
Според податоците од крајот на 2020 година, во Германија има нешто повеќе од 22 милиони декларирани католици, а нешто повеќе од 20 милиони протестанти. Тие заедно сочинуваат само 51% од населението. Има речиси 34 милиони атеисти (40%). Од останатите најмногу се муслимани (3,5%) и православни (1,9%).
Затоа и во двете големи цркви долго време се зборува за кризата и за намалувањето на бројот на верници. Најголемите оптимисти меѓу помирувачите се надеваат на укинување на расколот, односно враќање на една црква. Но, тоа засега е само далечна идеја. И двете цркви сега зборуваат за „помирени разлики“, од кои некои можеби никогаш нема целосно да се надминат.
1. Библија
Според Лутер, Библијата е Sola Scriptura, односно единствената Божја книга во која Бог им се открива на луѓето. Католиците, од друга страна, својата вера не ја засноваат само на Библијата, туку и на Светото писмо. Верниците дополнително се обврзани со традициите на Римокатоличката црква.
2. Црква
Латинскиот збор „католик“ има старогрчко потекло и значи „сеопшт“ или „универзален“. Католичката црква се гледа себеси како единствена вистинска црква во светот, под водство на папата. Евангелистичката црква не се гледа себеси како единствена, туку опфаќа десетици илјади цркви. Официјално, протестантите ги сметаат сите цркви за еднакво вредни.
3. Папа
Протестантите не го признаваат папскиот примат. Според евангелистичката гледна точка, оваа догма е спротивна на тврдењата од Библијата. Католиците, од друга страна, го гледаат папата како наследник на апостол Петар, првиот поглавар на нивната црква назначен од Исус Христос. Според нив, папската позиција се оправдува со непрекинат синџир на наследство од I век до денес.
4. Свештенство
Овој синџир, познат како апостолско наследување, е важен не само за изборот на папата. Епископите, свештениците и ѓаконите исто така добиваат доживотен Божји благослов, а со тоа и власт над католичкото стадо. Консекрација (посветување) можат да добијат само мажи. Протестантите, пак, немаат свечена инаугурација во црквата. Тие веруваат дека секој верник може да стане свештеник – а тоа важи и за верниците од женски пол.
5. Причест
Католичкото гледиште за улогата на свештениците се одразува и во причестувањето (евхаристија), ритуал кој потсетува на Тајната вечера пред распнувањето на Христос. Лебот (хостија) и виното стануваат телото и крвта на Исус кога свештеникот ќе ги освети. Меѓу протестантите, секое крстено лице се повикува да се причести или симболично да ја води Тајната вечера.
6. Свети тајни
Во Католичката црква постојат седум свети тајни (сакраменти) во кои можат да се воведат верниците: крштевање, потврда (кризма), причест, брак, помирување (исповед, покајание), помазание на болни и вовед во Светиот ред (во три степени: ѓакон, свештеник, епископ). Повеќето протестантски цркви практикуваат само две тајни, наведени во евангелијата: крштевање и причест.
7. Марија и светците
За католиците, Богородица е „Кралица на небото“, иако нема многу библиски референци што би ја поддржале католичката догма за Марија. Тоа вклучува вера во безгрешното зачнување или вознесувањето на Марија на небото. Затоа протестантите ја отфрлаат оваа догма.
Католичката црква предвидува и обожавање на светци. Црквата како светител може да канонизира примерни покојници кои биле особено блиски до Бога. Има повеќе од четири илјади светци и на сите може да им се принесат молитви, а нивните мошти се сметаат за реликвии. Протестантите строго го отфрлаат ова како спротивно на Библијата. Според Реформацијата, секој може и треба да се моли само директно на Бога.
8. Целибат
Сите големи религии во светот имаат концепт на целибат, заклетва на апстиненција од брачен и сексуален живот со цел да бидат целосно посветени на Бога. Во Католичката црква, целибатот е задолжителен за свештениците, што протестантите го одбиваат.
Уште во 1520 година, Мартин Лутер побарал укинување на целибатот и дал личен пример во 1525 година. Како поранешен монах, тој се оженил со својата поранешна калуѓерка Катарина фон Бора. Отпрвин не бил сигурен дали да се ожени, но потоа одлучил дека бракот „ќе го задоволи татко му, ќе го налути папата, ќе ги насмее ангелите и ќе ги расплаче ѓаволите“.