Мирјета Бајрамовска за „Пулс24“: Шансата ја гледам против Данска и Шведска

Македонската женска ракометна репрезентација се подготвува за претстојното Европско Првенство кое од 4-ти до 16-ти Декември се одигрува во Србија, една од нашите најдобри репрезентативки, Мирјета Бајрамовска, во интервју за „Пулс24“ вели дека ќе биде мошне тешко против силната селекција на Франција, шансата ќе се бара токму на дуелите со „подмладените“ селекции на Данска и Шведска.

 

 Пулс24: Во мошне силна конкуренција во група со селекциите на Шведска, Франција и Данска, што можеме да очекуваме од овие три натпревари во групната фаза, каде можеме, а каде навистина не можеме да очекуваме позитивен резултат? 

 

Мирјета Бајрамовска: Франција е неприкосновен фаворит во групата, а исто така и еден од главните конкуренти кои ќе играат на завршницата на првенството. Нашата шанса ја гледам во репрезентациите на Данска и Шведска кои се видно подмладени, иако не мислам дека би ни било лесно да добиеме еден од овие два противника со оглед на тоа дека не сме во посакуваната играчка форма во моментов.

Пулс24: Од каде би доаѓала најголемата опасност во групата? Според тебе, која ракометарка од противничките селекции би ни претставувала најголема опасност?

Мирјета Бајрамовска: Репрезентацијата на Франција има по минимум две квалитетни ракометарки на секоја позиција, Шведската репрезентација ја предводи нивниот лев бек Торенсен, меѓутоа не смее да се потценат ниту другите ракометарки, Данската репрезентација сеуште ја немаме анализирано меѓутоа се зборува за големи измени во нивниот состав.

Пулс24: На купот „Турчин Куп“ со 22 голови на три меча беше најефикасна, што очекуваш од себе на претстојното ЕП во Србија, дали твојата добра игра во Украина може да продолжи во Србија?

Мирјета Бајрамовска: Од себе очекувам да продолжам со добрите игри, како на клубски, така и на репрезентативен план, претстојното Европско Првенство ми е додатен мотив каде што сакам да го дадам најдоброто од себе, а со тоа да помогнам на нашата репрезентација за што е можно подобар резултат.

Пулс24: Очекувате голема поддршка од трибините бидејќи голем број македонски навивачи ќе ве бодрат од трибините, дали тоа може да влијае врз вас, да ве мотивира?

Мирјета Бајрамовска: Со оглед на тоа што играме во Ниш очекувам голема поддршка од трибините. Навивачите се многу важен фактор, нивната поддршка има големо влијание на нас и се надевам дека заедно ќе се радуваме на пласман во нареден круг.

Пронајдете не на следниве мрежи: