Скромна понуда, од само две средби во НБА лигата, донесе ноќта помеѓу четвртокот и петокот, во дербито актуелниот првак Мајами го победи Сан Антонио.
Мајами на домашен терен стигна до 11-та победа во сезоната, против Сан Антонио, кој го има вториот резултат на западот (13-4).
‘Жешките’ на Флорида извојуваа победа со 105:100, во натпревар во кој тренерот на Сан Антонио, Грег Попович, ги одмораше своите најголеми ѕвезди. Ниту една минута во Мајами не одиграа Паркер, Данкан, Џинобили, Грин и Џексон.
Попович натпреварот го одигра со девет играчи од кои четворица постигнаа двоцифрен број на поени, најмногу Гери Нил 20, а го следеше Тијаго Сплитер со 18 поени. Леброн Џејмс со 23 поени, 9 скока и 7 асистенции го предводеше Мајами, каде Двејн Вејд имаше учинок од 20 поени и по пет скока и асистенции, Реј Ален постигна 19 поени, а Крис Бош имаше 18 поени и 12 скокови.
Голден Стејт, минимално го порази Денвер со 106:105, најмногу благодарение на учинокот на Дејвид Ли (31 поен и 9 скока), кој беше најефикасен играч на мечот. Кај домаќините уште Клај Томпсон реализира 21, а Стивен Кари 20 поени. Андре Игудала со 22 и Данило Галинари со 20 поени беа најпрецизни во редовите на Денвер.
Голден Стејт во сезоната има скор 8-6, додека Денвер има осум победи и седум порази.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: