Строс-Кан и собарката со договор го завршија судскиот спор

Поранешниот шеф на Меѓународниот монетарен фонд, Французинот Доменик Строс-Кан и Нафисату Диало, собарката којашто го обвини за сексуален напад во хотел во Њујорк, го завршиле спорот со финансиски договор.

Како што пренесува AFP повикувајќи се на пишувањето на њујоршкиот дневен весник The New York Times, двете страни во спорот се повикани следната седмица пред судот во њујоршкиот округ Бронкс, каде што тужбата ќе ја завршат со потпишување финансиски договор.
Не се објавени никакви други детали за висина на сумата којашто би можела да и’ биде исплатена на Нафисату Диало, како оштетена страна.
Диало против Строс-Кан поднесе граѓанска тужба на 8-ми август 2011 година, но истовремено беше решавана и кривичната пријава по нејзината тужба за сексуален напад.
Доменик Строс-Кан тврди дека сексуално не ја нападнал собарката во хотелот „Софител“ на њујоршки Менхетен на 14-ти мај минатата година, туку оти таа доброволно се согласила на сексуален однос.
Кривичната постапка беше отфрлена на 2-ри август 2011 година, откако обвинителот ја доведе во прашање веродостојноста на оштетената Диало, којашто имала проблеми во други претходни случаи во врска со имигрантскиот статус.
Цивилната парница беше продолжена и сега е решена со финансиски договор.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: