Хрватските воени ветерани се огорчени на ослободениот хрватски генерал Анте Готовина и ги осудуваат неговите јавни настапи.
Според пишувањето на „Нови лист“, беше прашање на денот кога десницата и ветеранската популација ќе тргнат во отворени напади на генералот Анте Готовина заради неговите неочекувано аполитични и помирливи јавни настапи по излегувањето на слобода.
Прво во четврток се огласи движењето „Стоп на прогонот на хрватските бранители“ преку соопштение „Ако е и од Анте, премногу е“, како и неделникот „Хрватски лист“, кој на насловната страна пишува „Народот се прашува, дали е ова нашиот Готовина?“.
Ова движење и неделникот составија листа на замерки што му ги забележуваат на Готовина, меѓу кои стојат оние што им се заблагодарил на државните институции, што не го споменува покојниот хрватски претседател Фрањо Туѓман и министерот за одбрана Гојко Шушак, што не отиде во Вуковар на годишнината од падот на градот.
Му забележуваат и што ја прогласува војната за завршена додека уште ветерани се прогонуваат, што ги повикува да се вратата Србите кои не прифатиле хрватско државјанство, што е во друштво на оние што порано го клеветеа, што ја одушевил левицата и што почнал да измислува дека не е член на ХДЗ и дека по уверување е либерал.
„Бесчувствителноста на Готовина и нетактичноста кон оние што 11 години го бодреа и беа за него подготвени да загинат, би можела да се припише и на случајната невнимателност за својата слобода да им се заблагодари на сите, само не на бранителите“, го обвинува Готовина уредникот на „Хрватски лист“ Ивица Маријанчиќ.
Шефот на движењето „Стоп на прогонот на хрватските бранители“ додава дека Готовина во Хаг заминал како прекрасен хрватски војник, а сега не можат да го препознаат и заради тоа повеќе не сметаат на него.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: