Српската актерка Злата Петковиќ почина во понеделникот во Белград на 58 годишна возраст, а на просторите на поранешна Југославија ќе остане запаметена по улогата на Марија од култната серија „Враќањето на отпишаните“.
Петковиќ починала на Ургентниот центар во Белград, седум дена откако претрпела мозочен удар, по што била и оперирана.
„Злата Петковиќ беше една од неповторливите и најубави актерки од овие простори“, изјави актерот Воја Брајовиќ, кој во серијалот „Отпишаните“ го толкуваше Тихи.
„Си замина нашето злато. Тешко ми е. Ми навираат сеќавања за нашата работа и соработка: Таа беше невообичаено драга и позитивна личност и да се соработува со една таква убавица беше вистински дар“, вели Брајовиќ.
Третиот актер, кој стекна голема слава во „Отпишаните“, Драган Николиќ, кој го толкуваше ликот на Прле, кусо изјави дека е многу потресен од трагичната вест. “Навистина незнам што да речам. Останав без воздух“, кусо рече Николиќ.
Отскочна даска за започнување на актерската кариера на Петковиќ и била титулата Мис на фотогеничност на изборот на најубава тинејџерка на светот, кој се одржал во Токио.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: